Нема кратење на субвенциите за земјоделците

Исплатата на субвенциите за сите земјоделци, корисници на средства од програмите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, тече и ќе тече по веќе утврдениот календар и ниту еден земјоделец не е загрозен со направениот ребаланс, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на МЗШВ и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Со ребалансот на буџетот ќе се одземат средства од две програми и тоа, од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството.

Првата програма (за финансиска поддршка на руралниот развој) поддржува инвестициски и инфраструктурни проекти (патишта, канализации, водоводи, брани) кои по динамика на реализација на договорите се повеќегодишни и кои, по обсежна анализа на Агенцијата и на МЗШВ, е утврдено дека нема да стигнат за наплата оваа година.

Другата програма (за финансиска поддршка на земјоделството), во зависност од пријавените барања за субвенции кај одредени мерки, покажа дека има вишок на средства. Односно, првично проектираните средства (на почеток на годината) во програмата се повеќе од она што го имаме како побарување од земјоделците.

На крајот, уште еднаш сакаме да нагласиме дека, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е апсолутно во состојба да ги сервисира доспеаните обврски кон земјоделците и дека ниту еден земјоделец не е загрозен со ребалансот на буџетот.