Нема македонски јазик, а Македонците се Бугари

Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис повторно ја разбранува грчката јавност со изјави за спорот за името, овој пат дадени за австралискиот печат.

Во интервјуто за Нов свет, Бутарис се залага за изнаоѓање компромис за името.

,,Колку и да е болно тоа решение, сепак тоа е единствениот излез од спорот за името‘‘, изјавил Бутарис.

Во интервјуто, солунскиот градоначалник, искористувајќи ја можноста да потсети дека за него е прифатливо името ,,Славомакедонија‘‘, смета дека Македонците треба да си го најдат својот идентитет, додавајќи дека тие се Бугари, творба на Тито и дека не постои македонски јазик.

Поради тоа Бутарис вели дека спорот треба да се реши со компромис, кој ќе биде тежок за Грција.

Но, за разлика овие небулозни ставови за идентитетот, на Бутарис, пред 4 години не му пречеше ниту двојната формула за името.

,,Некогаш ќе треба да ги убедиме фанатиците дека Скопјаните не ги имаме само за да ни ги полнат супер-маркетите и хотелите. Зошто ни пречи двојната формула за името?‘‘ праша тогаш новоизбраниот градоначалник на Солун во интервју за весникот „Етнос“.

Воедно, Бутарис, кој смета дека не смее да преовладува фанатизмот дека Македонија е грчка, беше под силен напад на грчката јавност откако лани ја посети земјава и одржа прес конференција во Стопанската комора на Македонија, чин што за грчките медиуми и политичари значеше дека тој ја признава државата под името Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.