Нема мали сипаници во Транзитниот центар Гевгелија

Нема мали сипаници во Транзитниот центар Гевгелија
Нема мали сипаници во Транзитниот центар Гевгелија
Епидемиолошката служба при Центарот за јавно здравје Велес денеска информира дека нема случај на мали сипаници (морбили) во Транзитниот центар Гевгелија.

– На 3-ти овој месец од лекарскиот тим во транзитниот центар  добиено е известување за регистриран суспектен случај на морбили кај еден мигрант. Лекар специјалист епидемиолог веднаш излегол на терен. Направен е комплетен епидемиолошки увид при што е констатирано дека  во  амбулантскиот дневник  евидентирано  е девојче, родено 2013 год. од Авганистан, се наведува во соопштението од ЈЗУ ЦЈЗ Велес ПЕ Гевгелија.

Од  разговорите со дежурниот медицински тим и екипата на Црвениот крст на Република Македонија заклучено е, како што појаснува во соопштението епидемиологот др. Олумчев од ЈЗУ ЦЈЗ Велес ПЕ Гевгелија, дека девојчето е донесено од прифатниот камп Идомени, Република Грција, со исип по кожата кој не е карактеристичен за морбили и присутен само на  грбот и стомачето и без  температура, кашлица ниту други  специфични знаци за болеста.

На пациентот дадена му е симптоматска терапија (течна пудра и сируп Парацетамол) и веднаш е вратено во Кампот Идомени во Грција, се додава во соопштението.