Нема место за паника, Халиловиќ се сели на Ноу Камп

За разлика од фудбалските медиуми во Шпанија кои се убедени дека нема да се реализира веќе договорениот трансфер на младиот фудбалер од редовите на Динамо Загреб, Ален Халиловиќ, поради казната која каталонскиот гигант Барселона ја доби во текот на вчерашниот ден, спортскиот директор и тренер на актуелниот шампион на Хрватска, Зоран Мамиќ е убеден дека нема место за никаква паника.

Дисциплинската комисија при ФИФА му забрани на актуелниот шампион на Шпанија да ангажира нови фудбалери во следните 14 месеци поради непочитувањето на правилата за купување и регистрација на фудбалери под 18-години.

“Се слушнав со раководните лица на Барселона. Ни кажаа дека се е во ред, дека таквата забрана не се однесува на веќе договорениот трансфер на Халиловиќ. Ни кажаа дека нема место за паника. Ние сме мирни. Станува збор за нормална процедура. Динамо од Загреб има на располагање 90 дена за да ја објасни процедурата според која е реализиран трансферот на Халиловиќ”, изјави Мамиќ.