Нема место за паника – Зголемената употреба на антидепресиви е глобален тренд

Потрошувачката на лековите анксиолитици и хипнотици, или попознати како антидепресиви, во 2013 година, во однос на 2010 во Македонија се зголемила за над 1,6 милиони реализирани рецепти, односно за околу 30 отсто, покажала анализата на податоците на Фондот за здравствено осигурување.

Тука не спаѓаат лековите што се издадени со приватен рецепт и оние што се издадени при лекарски интервенции. Исто така, забележано е и дека голем број пациенти сами доаѓаат кај матичните лекари и бараат овие лекови да им бидат препишани.

Игор Неловски, советник на директорот на сектор фармација при ФЗОМ  потенцира дека учеството на овие лекови во вкупниот број на реализирани рецепти се движи од 8,18 отсто во 2010 до 8,98 отсто во 2013 година. Со овие бројки анксиолитиците како група на лекови се на второ место, а генеричкиот лек диазепам е на четврто место од десетте најчесто пропишувани лекови.

Најголема потрошувачка на диазепам во Македонија има во Берово (39, 1 во 2012 година) и Неготино (31, 5 во 2013 година).

Доктор Блажо Саздов, специјалист на одделението за психијатрија во Општата болница во Неготино, во изјава за Нетпрес вели дека овие лекови не се препишуваат само за депресија, туку и поради други здравствени состојби.

– Стресот, секојдневните проблеми, стравот, паниката, се некои од состојбите што ги тераат луѓето да доаѓаат и да бараат вакви лекови, вели тој.

Доктор Саздов напомена дека пациентите се должни на секои шест месеци да доаѓаат на контрола и притоа да се увиди дали има потреба од продолжување на терапијата или не. Но, како што посочи, има и нови пациенти кои што доаѓаат, а се’ почести се случаите кога доаѓаат помлади пациенти со панично растројство и слични проблеми.

Во однос на зголемената употреба на вакви лекови, Ана Петрова, советник на директорот на сектор фармација во ФЗОМ, одговарајќи на новинарски прашања потенцира дека тоа се должи пред се’ на зголемениот број на дијагностицирани депресии, но и на зголемената контрола во издавањето на лековите.

Доктор Ставре Грамов од психијатарската ординација „Д-р Грамов“ од Скопје во изјава за Нетпрес, појаснува дека станува збор за две групи на лекови. Првите се бензодијазепини, каде спаѓаат дијазепам, лексилиум, апаурин, кои може да бидат препишани и од матичен лекар и антидепресиви, за кои пак е неопходно да бидат препишани од лекар специјалист. Тој вели дека до пред еден месец аптеките масовно ги издавале овие лекови без рецепт, но од пред еден месец, поради зголемените контроли и огромните казни, овие лекови се издаваат строго со рецепт, што пак од друга страна резултира и со зголемен број на пациенти.

– Ќе биде добро, ако така продолжи, вели тој, напоменувајќи дека трендот на Запад е бензодијазепините да се заменуваат со антидепресиви, поради тоа што првата група на лекови создаваат зависност. Но, потенцира, дека е неопходно и при употребата на антидепресивите да се консултира лекар, со цел да се утврди дозата и толеранцијата.

И доктор Грамов како основни причини за земањето и употребата на овие лекови ги наведува: брзиот начин на живот, стресот, животот во урбаните средини и сл.

– Луѓето неможат да се навикнат на овие промени. Бензодијазепините брзо делуваат, но создаваат зависност, затоа пак антидепресивите не создаваат зависност, но нивната употреба треба да биде строго контролирана во однос на дозата и толеранцијата, потенцира тој.

Ана Петрова, советник на директорот на сектор фармација ги предупреди осигурените лица за несаканите ефекти од употребата на овие лекови и апелираше до избраните лекари при пропишувањето задолжително да ги почитуваат упатствата за медицината базирана на докази.

Таа напомена дека покрај ефектите за ослободување од симптомите за кои се пропишани (намалување на напнатост, стресот, нервозата) овие лекови даваат и дополнителни несакани краткорочни и долгорочни несакани (штетни) дејства, како што се: успорена работа на мозокот, слаба концентрација, конфузија, неразбирлив говор, што доведува до проблеми со едукација и стекнување на нови вештини, проблеми во секојдневна работа како и проблеми при извршување на домашните обврски и воспитувањето на децата и сл.

Но, сепак скриена и најголема опасност од долготрајната и континуирана употреба на овие лекови е појавата на психичка и физичка зависност. Пациентот може многу брзо да развие толеранција на лековите, тоа значи дека е потребна се поголема доза за да се постигне саканиот ефект, што доведува до појава на зависност. Овие состојби може да се јават како кај пациенти кои го примаат лекот по препорака на лекар, така и кај тие што го злоупотребуваат.

Како е во светот?

Инаку, според извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), објавен на 21-ви ноември 2013 година, жителите на богатите и развиени држави конзумираат во просек за 10 отсто повеќе антидепресиви во однос на 2000 година.

Во извештајот се вели дека зголемената употреба се должи на зголемената свесност за депресијата, што пак од друга страна направило третирањето на болеста со лекови да биде многу повеќе општествено прифатено.

Исто така, се наведува дека зголемената употреба на овие лекови во некои држави „се должи и на несигурноста која се создава поради финансиската криза. Во Шпанија и Португалија, употребата пораснала за 23 и 20 отсто во периодот од 2007 до 2011 година. Во Велика Британија се удвоила во периодот од 2000 до 2011 година“.

Исланд е лидер во светски рамки. Во оваа земја, која брои 322.000 жители, има најголема употреба на антидепресиви, а конзумацијата на овие лекарства пораснала за повеќе од 50 отсто во периодот од една деценија, или како што се наведува во извештајот на ОЕЦД, на секои 1.000 луѓе по 106 дози дневно.

Според одделни научници, Исланѓаните конзумираат многу повеќе антидепресиви, затоа што другите методи како психотерапијата не се толку популарни. Веднаш зад Исланѓаните, меѓу најголемите корисници во светот на антидепресиви се Канаѓаните и Австралијанците.

Во продлжение проследете ја табелата објавена од ОЕЦД, каде се опфатени 25 земји.

tabela