Нема носење закони без поставување на порталот ЕНЕР

Надграден е Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи, веб портал преку кој граѓаните, невладиниот сектор, синдикатите, стопанските комори, претставници на Владата… електронски се информираат за предлог-законите во фаза на подготовка и можат да дадат коментари и забелешки.

– Министерството за информатичко општество и администрација го надгради системот со цел на засегнатите страни да им се даде корисна и практична алатка за нивно постојано учество во процесите на донесување на регулативата, рече денеска на прес-конференција ресорниот министер Иво Ивановски.

Една од најголемите придобивки од новиот ЕНЕР, појасни Ивановски, е неговата интеграција со мултиплатформскиот систем за колаборација за е-седница, со што ќе се оневозможи доставување предлог закони за разгледување во владина постапка, доколку претходно текстот на предлог-законот не е објавен на ЕНЕР. Исклучок ќе бидат итни законски решенија на  барање на премиерот.

Според Ивановски, покрај новиот дизајн, на веб порталот се овозможува едноставна регистрација и упатства за користење, нова систематизација на прописите, согласно категоризацијата која се користи од Службениот весник на Република Македонија, системско конфигуриран период на автоматска објава на коментар, со што треба да се  овозможи поголема ажурност на навремено објавување коментари. Воведени се нови линкови и е поставен бројчаник со јасно прикажување на денот и часот на завршување на процесот на консултација, што, укажа Ивановски, ќе овозможи поголема сигурност кај јавните корисници во кој временски период ќе може да ги испратат своите коментари.

Една од најголемите придобивки од новиот ЕНЕР, појасни Ивановски, е неговата интеграција со мултиплатформскиот систем за колаборација за е-седница, со што ќе се оневозможи доставување предлог закони за разгледување во владина постапка, доколку претходно текстот на предлог-законот не е објавен на ЕНЕР.

Досега се регистрирани 27.000 посетители на веб порталот на ЕНЕР, кој е воспоставен во 2009 година, но, според Ивановски, не значи дека станува збор само за по една посета од поединечен посетител.

– Очекуваме со новиот систем  таа бројка да порасне драстично, но сепак тука најголем  фидбек имаме од стопанските комори кои учествуваат активно. Секој закон без разлика од која дејност е директно се испраќа до стопанските комори, тие ги разгледуваат и повторно ги враќаат. Процесот кој доаѓа од стопанската  комора се смета како еден иако во позадина може да работат 10, 100 или 1000 компании, појасни министерот Ивановски.

И во случај кога граѓаните ќе бидат предлагачи на закон, МИОА, според него, ќе го постави предложениот  текст на веб порталот на ЕНЕР и ќе помогне да се направат обрасците за влијанието на регулативата.

Ивановски апелира до институциите и физичките и правни лица да го користат ЕНЕР. Со тоа, укажа, ќе поттикнеме дискусии, предлози и содржини, кои квалитативно можат да влијаат врз донесувањето на законските решенија.

 МИА