Македонија

Нема одложување на плаќањето социјални придонеси за хонорарите

Нема одложување на плаќањето социјални придонеси за хонорарите

 

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов денеска изјави дека Владата нема да ја одложи мерката за социјалното осигурување за лицата со приходи по основ на договори за дело и авторски договор.

– Жално е што одредени политички структури со искажување на манипулации, невистини и навреди сакаат да добијат лични и политички поени критикувајќи една позитивна мерка. Владата нема да ја одложи оваа мерка и опфатот на лицата кои имаат приходи по основ на договори за дело и авторски договор е во интерес на граѓаните на Република Македонија и во интерес на работниците, изјави Спасов.

Самата мерка, додаде Спасов, има повеќе позитивни аспекти.

– Со опфатот на авторските договори и договорите на дело со задолжително социјално осигурување ќе се обезбеди социјална сигурност на голем број работници, изјави Спасов.

Во изминатите години, потенцира тој, се случуваше голем број, илјадници, десетици илјади работници да бидат злоупотребени од страна на работодавачите при што или целосно беа исплаќани преку авторски договор или договор за дело за работите што ги извршуваа, ако ова продолжи овие наши граѓани нема да можат да добијат пензија, овие работници вредно и чесно работат како и оние работници кои се во постојан работен однос. Исто така, продолжи, се случуваше дел од платата да им се исплаќа како во редовен работен однос, а дел од платата им се исплаќа преку хонорар односно со авторски договор или договор за дело.

– Со реализација на оваа мерка, граѓаните кои работат со авторски договор или договор за дело ќе добијат социјална сигурност, ќе имаат можност да се стекнат со пензија во иднина, ќе имаат, исто так,а можности да стекнат здравствено осигурување и право на заштита односно финансиско обезбедување при повреда при работа, посочи министерот за труд и социјална политика.

Сите оние кои не ги исполнуваат условите за старосна пензија од 15 години стаж, ќе имаат можност да доработат за да ги исполнат условите за старосна пензија и да се стекнат со неа.

Ваква мерка е спроведена во најголемиот број европски држави односно во над 95 отсто од земјите, како што се Австрија, Германија, Франција, Холандија, Хрватска, Словенија, Словачка, Унгарија, Чешка и многу други.
Спасов потенцираше дека Македонија е една од земјите со најниски социјални придонеси.

– Да го земеме предвид персоналниот данок кој е најнизок во Европа. Социјалните придонеси во Македонија изнесуваат 27 проценти за разлика од најголемиот број држави од нашето окружување и од Европа кои имаат над 30 до 45 проценти социјално осигурување од месечните приходи без персонален данок. Оваа мерка не е новитет ниту во Европа, ниту во светот, туку пред повеќе години земјите ја спровеле за да ги опфатат и овие граѓани, односно да ги опфатат и оние фриленс работници кои работат со одредени договори со цел и тие да имаат социјална сигурност, да се спречат злоупотребите, посочи Спасов, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција.