ТОП,Македонија

Нема отстапување од капиталните проекти

Нема отстапување од капиталните проекти
Владата не отстапува од реализацијата на капиталните проекти. Во Македонија се гради како никогаш досега, се инвестира во патната и во железничката инфраструктура, во нови водоводи и канализации, во енергетски проекти, во училишта и болници.

И покрај ребалансот на буџетот, планираните средства за капитални проекти се неколкукратно зголемени во однос на претходните години. Со високиот износ на капитални инвестиции се подобрува поврзаноста во земјава, се подигнува животниот стандард, но и се отвора работа за домашните компании, што влијае на економскиот раст.

„И со ребалансот, капиталните инвестиции остануваат на историски највисоко ниво. За споредба, ако во 2006 година за капитални инвестиции беа издвоени 156 милиони евра, во 2016 година зборуваме за 568 милиони евра – со ребаланс“ – велат од Министерството за финансии.

Домашните бизнисмемни се задоволни од високиот износ за капитални инвестиции, апелираат да се реализираат планираните средства за да се внесе свежина во стопанството.

„Капиталните инвестиции во делот на инфраструктурата остануваат важен сегмент за работењето на македонските компании, а тоа се однесува на продолжување на работите на патната и железничката инфраструктура, гасификација и енергетските проекти “ – објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов.

„Лидер“: Кои се клучните проекти?

Во Македонија во моментов се градат три нови автопатски делници, а две се реконструираат. Интензивно се работи на Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, со проектот Демир Капија – Смоквица се заокружува Коридорот 10 на ниво на автопат, се работи на потегот од Куманово до Миладиновци и од Смоквица до Гевгелија. Вкупно се инвестираат над 800 милиони евра.

„Ниту еден капитален проект нема да се прекине со ребалансот, а за оние проекти што имаат засилена динамика на реализација ќе има дури и дополнителни средства, како на пример за автопатот Демир Капија – Смоквица и за гасификацијата“ – вели министерот за финансии, Кирил Миновски.

Паралелно, се реконструираат 200 километри регионални патишта. Се работи за делниците Битола –Ресен – Буково, Кочани – Делчево, Мокрино – Смолари, Николиќ – Дојран, се рехабилитира патот кон Маврово,  се работи на патот Бошков мост – Дебар и Мелнички мост – Центар Жупа, Ново Село – Новак, Ропотово – Црнилиште, Кривогаштани – Горјани.

Вкупната инвестиција за обнова на регионалните патни правци се проценува меѓу 80 и 90 милиони евра.

„Во овој период се работи на повеќе од 10 регионални патни правци, како и на изградба на новите автопатишта“ – вели директорот на ЈП за државни патишта,  Александар Стојанов.

„Капиталните проекти во изградба на новите три автопатишта, на брзи и регионални патишта се основа за развој на секоја економија“ – вели првиот човек на градежната комора при ССК, Роберт Хот.

Активни се тендерите и за новите експресни патишта: Прилеп – Градско, Штип – Кочани, Радовиш –Штип, Ранковце – Крива Паланка, Крива Паланка – Бугарија.

„Владата е фокусирана на реализација на капитални инфраструктурни проекти кои имаат за цел да создадеме квалитетна транспортна мрежа и поквалитетен живот за граѓаните на Македонија“ – вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Во железницата, активно се гради првата делница од пругата кон Бугарија, ЕБОР го објави огласот и за вториот потег, се проектира и третата и последна фаза. Се проектира и пругата од 63 километри кон Албанија.

Целата анализа прочитајте ја на ЛИДЕР