Нема повредени македонски државјани во Украина

Не се знае во моментов колку точно Македонци престојуваат во Украина каде што се’ уште траат повеќемесечните протести и крвавите судири, пишува „Утрински“.

Од амбасадата на Македонија во Киев, за весникот, велат дека никој од македонските државјани што престојува во една од најголемите европски држави, според бројот на жители, досега не побарал помош за евакуација.

И покрај демонстрациите што однесоа и неколку човечки животи, од амбасадата проценуваат дека се’ е в ред околу безбедноста на нашите граѓани.

„Засега немаме информации за повредени наши граѓани. Вообичаено сите амбасади контактираат со болниците и ургентните центри во поголемите градови и засега немаме податоци дека настрадал некој македонски граѓани“, велат од амбасадата за „Утрински“.

Оттаму известуваат и дека засега не е зголемен ниту степенот на безбедноста на самата амбасада и дека сите вработени најнормално си доаѓаат на работа.

„Се’ функционира како и досега“, велат од амбасадата за весникот.

Вчера дел од тимот во амбасадата во Киев бил ангажиран и околу помошта во обезбедување на сместување на новинарските екипи од земјава кои го најавиле своето доаѓање во Киев за да ја снимат состојбата директно на терен.

Амбасадорот во Украина, Ацо Спасеновски, претходно ги советуваше македонските граѓани по секоја цена да ги одбегнуваат местата каде што се собираат демонстрантите и да не влегуваат во никакви судири на улиците. Особено, како што потенцира Спасеновски, да избегнуваат да се движат низ центарот на Киев, каде што се одржуваат протестите и каде што изминатите денови демонстрантите жестоко се судираат со полицијата. Според него, ситуацијата воопшто не е наивна и, како што вели, на протестите се појавиле и групи кои се обидуваат да ја искористат ситуацијата. Од амбасадата вчера ни рекоа дека засега и ниту една од македонските компании не се пожалила дека се соочува со некакви проблеми во деловните врски со украинските партнери.

Според информациите, пак, што „Утрински“ ги доби од неколку туристички агенции, интересот за патувањата во Украина е драстично опаднат, но засега никој од оние што веќе отпатувале не побарал порано да се врати во земјава.

Ситуацијата во Украина се менува од минута во минута и може да експлодира во секој момент. Вестите што доаѓаат оттаму се се’ позагрижувачки. Деноноќно се протестира на температури пониски од нула и се бара потпишување на договорот за асоцијација со ЕУ. Сите стравуваат од нови крвопролевања. Вчера премиерот на Украина, Микола Азаров, поднесе оставка со цел полесно да се реши политичката криза. А почна и вонредното заседавање на парламентот за начинот на завршување на двомесечната криза во земјата откако претседателот Јанукович попушти пред клучното барање на опозицијата да се укинат антипротестните закони.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.