Нема повредени од петарди, МВР досега заплени околу 222 илјади

Засега нема случаи на лица повредени од пиротехнички средства. Минатата година имаше два до три случаи, вели Сашо Стојчев, директор на „ГОБ 8ми септември“.

Тој додава дека кај минатогодинешните случаи немало ампутација на прсти, туку најчесто се работело за лесни телесни повреди, односно изгореници.

За разлика од минатата и предминатата година, оваа година МВР заплени поголем број пиротехнички средства – речиси 222 илјади заклучно со месец ноември.

Минатата година запленети биле околу 113 илјади петарди, додека пак во 2012 година околу 155 илјади.

Најголем дел од петардите оваа година се запленети на територијата на град Скопје – 149.596 петарди, 914 ракети и 1.671 огномети. По Скопје следат Битола -17.090 петарди, 134 ракети и 99 огномети, Делчево – 9.660 петарди, Куманово-9.223 петарди и 66 ракети, Струга-8.272 петарди, Штип-7.748 петарди, Охрид-6.780, Тетово-5.696, Прилеп-3.430 петарди и 3.443 ракети, Свети Николе-1.841 петарди, Ресен-1.481 петарди, Кратово-550, Берово-500, Македонски Брод-109 и 32 во Крива Паланка, информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека кривична пријава е поднесена против 35 лица за 34 кривични дела од областа на недозволена трговија каде има заплена на петарди. Од нив девет се на возраст од 26-36 години и 36-45 години, шест се на возраст од 18-25 години и од 46-60 години, тројца се малолетни и двајца се на возраст над 60 години.