Нема пријави за заразни заболувања во поплавените подрачја

Кризниот штаб денеска одржа состанок во општината Чешиново-Облешево по настанатите поплави во подрачјето, на кој присуствуваше и министерот за здравство, Никола Тодоров, заедно со професори, доктори-епидемиолози и специјалисти по хигиена од Институтот за јавно здравје и Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството, како и шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје.

На состанокот е констатирано дека досега нема пријави за заразни заболувања на ова подрачје, а Центарот за јавно здравје будно ја следи состојбата во однос на безбедноста на водата за пиење и евентуална појава на заразни заболувања. Дадени се насоки на Центарот за јавно здравје од ова подрачје секојдневно да врши контрола на водата за пиење и да го информира населението за превентивните мерки со цел спречување појава на заразни болести, како што се: пиење флаширана вода или вода од обезбедени цистерни, превривање на водата за други потреби во домаќинството – миење, готвење, редовно одржување лична хигиена и миење раце.

Исто така, Центарот за јавно здравје е задолжен да спроведе комплетно чистење на ризичните поплавени подрачја и да изврши превентивна дезинфекција и дератизација.

Јавните здравствени установи од подрачјето (Здравствен дом Кочани, Општа болница Кочани и Центар за јавно здравје Кочани) се задолжени да обезбедат медицински екипи да ги посетат жителите на населените места кои се отсечени заради настанатите поплави, со цел пружање соодветна здравствена помош доколку е потребна.

Исто така, во амбулантата во општина Чешиново – Облешево, почнувајќи од утре ќе има дополнително присуство на доктор и медицинска сестра во периодот од 10 – 14 часот.

Министерството за здравство е во постојана координација со Кризниот штаб во ова подрачје, Центарот за управување со кризи, Црвениот крст на Република Македонија и сите надлежни институции, со цел заштита на здравјето на населението од поплавените подрачја.