Македонија

Нема притвор за Кочан, судот прифати гаранција

Нема притвор за Кочан, судот прифати гаранција

Првоосомничениот во случајот „Труст“ бизнисменот Сеад Кочан нема да оди во притвор. Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот на неговиот адвокат Никола Додевски, и донел одлука на Кочан да му биде одредена парична гаранција од  875.298,56 евра, да му биде одземен пасошот и да му се наметне обврска да се јавува еднаш неделно во судот, се наведува во денешното соопштение од скопскиот Кривичен суд.

Ваквата одлука Судот ја донел поради влошената здравствена состојба на Кочан, а како неоснован го одбил предлогот на Специјалното јавно обвинителство да му биде одреден притвор на бизнисменот поради опасноста да влијае врз сведоци или, пак, да го повтори делото.

– Судија на претходна постапка по ценење на фактите и доказите во предлогот, во текот на денешниот ден, донесе решение со кое имајќи ја предвид здравствената состојба на осомничениот му определи гаранција во износ од 875.298,56 евра во движен и недвижен имот и истовремено одлучи на осомничениот да му се определат мерки на претпазливост, и тоа одземање на патната исправа и обврска тој да се јавува еднаш неделно кај службено лице во овој суд, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.

Во решението, како што е посочено, судија на претходна постапка навел дека од приложените докази и по повторно одлучување, е на мислење дека постои основано сомнение дека осомничениот го сторил кривичното дело за кое се товари, а имајќи го во предвид неговото поведение од почетокот на оваа постапка до денес, судијата смета дека постои опасност од бегство, па од тие причини го прифати предлогот на одбраната за определување гаранција и мерките на претпазливост.

Против решението да нема притвор, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет во рок од 24 часа, а рок од три дена во однос на определната гаранција и мерките, информираат од Кривичниот суд.

Постапувајќи по предлог на СЈО, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје вчера одржа нејавно рочиште на кое, како што е наведено во соопштението, се произнесоа претставник на обвинителството и одбраната во однос на предлогот на СЈО. – Осомничениот кој веќе еднаш беше сослушан пред овој суд не беше присутен на вчерашното рочиште, а за неговата здравствена состојба на барање на судот, Универзитетската клиника за кардиологија – Скопје достави известување во кое стои дека осомничениот е хоспитализиран на нивната клиника од 14.05.2017 година и притоа ден пред закажаното рочиште, односно на 16.05.2017 година, му бил имплантиран стент. Па од тие причини го известиле судот дека Кочан не е во состојба да присуствува на закажаното рочиште, стои во соопштението.