Колумни

Нема простување

Нема простување

Нема некој во државава што по саботните настани не повика на сплотеност и единство. Потоа на ред ќе дојде и помирувањето. Само што овој пат ниту може ниту смее да има помирување со нарачателите на целиот настан, како и со сите тие што овде со денови промовираа атмосфера на насилство, се закануваа, мавтаа со показалецот создавајќи му терен на насилството.

И секако, да не ги заборавиме имбецилите што во саботата протестираа пред Владата поради некаква полициска бруталност.Триесет километри од тоа место полицајците гинеа и тоа само два-три дена откако среде Скопје мирно стоеја додека ги маваа со шипки, а овие овде, борци за слобода, протестираа против полициската бруталност. Меѓу нив и оној ексминистер кој пред 15 години молел, фаќал врски преку стариот Kиро Глигоров, кај Љубчо Георгиевски и Доста Димовска да не биде притворен. Бедници. Не помалку од тие, а впрочем станува збор за истата групировка, кои и за Гошинце и за настаните во Kуманово, тврдеа и тврдат дека се режија на Никола Груевски и на Сашо Мијалков за да се спречеле бомбите на Зоран Заев. Морони дебилни, па ако некој сакаше тоа да го прави, ќе чекаше да поминат 30-ина прес-конференции на лидерот на СДСМ?

Нема веќе помирување со ваквите. Нема помирување со овие болни умови. Цел живот ли ќе ни помине во тоа да ги трпиме? А не дека не им беше кажано. И дека бомбите на Заев се само играчка за залажување, како прислушувањето на Црвенковски во 2001 година. И дека следно е или Мајдан во Скопје или некаква реприза на 2001. Или комбинација на двете. Им беше нацртано и дека и тогаш на ист начин беа обвинувани Георгиевски и Џафери. Безмалку, с` им беше нацртано до детали. И кога сето тоа не помага, сфаќате дека не се до толку малоумни, чест на исклучоците, туку дека свесно одработуваат. Одработуваат за лустрираниот кој се расфрла со пари од државата на Џес Бејли, одработуваат за државите што финансираат севернокорејска пропаганда среде Балканот, а чии амабасадори и амбасадорки со своите изјави и соопштенија беа солидна логистика на ова што се случува. За тоа дали биле и нешто повеќе, си знае власта.

Осуммина полицајци, допрва ќе видиме дали има и загинати цивили, се преголема цена за да продолжиме да си играме во согласност со вмровската логика дека секој може да ни се качува на глава. Преголема цена, која можеби ќе биде и уште поголема. Оти никогаш не вели никогаш, сеедно што сега може десетпати да напишеме – не дај Боже тоа навистина да се случи.

Ах, и да не заборавиме – немој некому навистина да го лаже умот да продолжи во измислената борба за слобода да ги користи и средношколците.

Автор: Дарко Јаневски за Дневник