Нема регистрација за возилата кои премногу чадат

Од почетокот на наредната година на сила ќе стапи нов закон со кој ќе се воведат построги казни за станиците за технички преглед во случај на неконтролирање на издувните гасови кај возилата во постапка на регистрација, пишува Република.

Законските измени се скроени, а наскоро за нив ќе расправаат и пратениците. Но, измените, освен што носат парични казни, предвидуваат и затварање за оние што нема да ги почитуваат одредбите од законот.

– За да се спречи загадувањето на атмосферскиот воздух и да се пресметаат количините на издувни гасови, потребно е превземање на построги казни во станиците за технички преглед во случај на неконтролирање на издувните гасови кај возилата во постапка на регистрација на истите, односно е потребно да се интервенира во Законот за возила – стои во објаснувањето на законските измени.

На ваквиот чекор, ресорните министерства за економија и внатрешни работи се одлучиле откако утврдиле дека:

– Станиците за технички преглед и покрај законската обврска што ја имаа за мерење на издувните гасови истата не ја извршуваа од причина што не беа пропишани казни за непостапување по наведените одредби – е наведено во објаснувањето на измените на Законот за возила.

Дополнително, со законските измени е предвидено дека доколку се контролираат издувните гасови кај возилата во постапка на регистрација, возилата кои не ги исполнуваат пропишаните услови нема да бидат регистрирани со што значително ќе се намали бројот на возила кои вршат зголемено загадување на воздухот, со што ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми квалитетот на воздухот.

Но, наведено е и дека доколку стручниот работник ја потврди техничката исправност на возило спротивно на точно определни одредби од Законот, министерот за внатрешни работи со решение ќе му ја одземе лиценцата за работа на стручниот работник за период од пет години.

А истото ќе се случи и ако тоа го направи стручниот раководител.

Доколку стручниот раководител нареди или дозволи да се потврди техничка исправност на возило над кое не е извршен технички преглед, потврди техничка исправност на возило со неисправни уреди за сопирање, уреди за управување, возило со неатестиран уред за течен нафтен гас, не е извршено мерење на емисиите на издувните гасови на возилата или записот од измерените вредности од емисиите на издувните гасови на возилата не го приложува во регистрациониот лист за возилото, министерот за внатрешни работи со решение ќе му ја одземе лиценцата за работа на стручниот раководител за период од две години, наведено е во законските измени.

Дел од казните што ќе бидат изречени се речиси двојно зголемени во однос на постоечките, а воведени се и нови.