Нема скршнувања од дадените ветувања пред народот

Во својот говор по повод Илинден – Денот наРепубликата, премиерот Никола Груевски го цитираше Павел Шатев.

„Ние ќе дејствуваме и ќе се мачиме да го реализираме замисленото… Ако останатите генерации Македонци по нас видат дека акцијата е добра, има успех, даде резултат, по своја иницијатива ќе следат и ќе отпочнат и други подобни акции“.

Ветувањата мора да бидат исполнети

И јас цврсто верувам во овие зборови. Верува нашиот народ, затоа што нема успех без напор, нема успех без предизвици. Ние цврсто ќе останеме да чекориме по трасираниот пат од илинденците и антифашистите. Идните генерации нас ќе не следат. Ние имаме уште многу што да покажеме, уште многу проекти треба да исполниме кои сме ги ветиле, а ветувањата мора да се исполнат. Затоа што и илинденците и антифашистите дадоа ветувања дека ќе се борат до крај, дека ќе работат за Македонија, и тие го исполнија своето ветување. Мораме и ние и сите по нас, да ги исполнуваме нашите ветувања, стремејки кон највисоките цели. Последната од нашите нови крупни предизвици се последните препораки на ЕУ поврзани со поглавјата 23 и 24, кои ги вградивме како составен дел на нашите цели, и на кои силно и интензивно работиме. За да го зајакнеме, подобриме и надградиме доброто функционирање на  државниот систем на повеќе полиња. И тоа ќе го спроведеме, рече премиерот.

Справувањето со кризите ја придвижува државата напред

Ќе работиме силно во правец да ја оствариме целта. Повремените кризи во државите се составен дел во развојот на секоја држава, а особено кај помладите држави. Справувањето со тие кризи и извлекувањето одредени придобивки,  напредоци, и поуки од нив, е нешто што и во тие кризи ги придвижува државите напред. Таков мора да биде случајот и со последната политичка криза во Македонија. Во оваа криза направивме се, меѓу останатото, да го спречиме запирањето на доаѓањето на нови фабрики и компании кои отвораат нови работни места но и нови перспективи за нашиот народ. Ова беше еден од најголемите предизвици во изминатиот период. Зад нас се и две меѓунардни глобални економски кризи со силно влијание на нашата економија. Погледнете, најголемиот дел од мерките кои ги превземавме за нивно справување, не само што ни помогнаа во тој тежок период, туку останаа и трајни зајкнувања на нашиот економски ситем. Затоа, паметните нации од секоја криза излегуваат посилни. Македонија е држава со мудар народ. Мораме да се  соочиме и справуваме со проблемите и заканите на денешното време. Мигранскиот бран што ја зафати Европа, ја стави Македонија засега во својство на транзитна држава, со можност тоа во иднина да се промени, и да почнат мигранти од различни азиски или африкански земји да се задржуваат во Македонија. Тоа е и доправа ќе биде сериозен предизвик. Ако некој мисли дека оваа мигранска криза е некаков бран кој ќе помине набрзо, се лаже. Ова е само почеток на еден вид нова голема преселба на народите, која допрва ќе добие замав. Засега добро се справуваме, но предизвиците ќе растат. Ќе бидат потребни дополнителни напори, мерки, и политики, истакна Груевски.

Нема скршнувања од ветувањата пред народот

Ние имаме дадено ветувања пред Вас. Нема скршнување и од нашите ветувања, дадени пред народот. Тоа е, и тоа мора да остане фокусот. Се друго е споредно. По некоја грешка имало и ќе има. Но, покажавме дека имаме доблест да признаеме грешка и да ја корегираме. Да го следиме пулсот на нашиот народ. Денес ние ја имаме одговорноста да работиме за нашиот народ и ние таа одговорност ќе ја оправдаме. Економскиот раст, зајакнување на стандардот на граѓаните, изградбата на нови капитални дела, реформите во секоја област за унапредување на секој стандард, интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО се следниот Илинден кој го сонуваме, за кој работиме, кој го очекуваме и кој ќе го оствариме. Затоа што ние знаеме дека тоа го заслужуваме и дека сме кадарни тоа да го оствариме. Оваа, нашата генерација, истакна Груевски.

Да живее 2 август –денот на двата Илиндена! Да живее споменот на Илинденското востание и АСНОМ! Да живее слободна, демократска, независна и суверена Република Македонија!  Да живее европска Македонија!, порача премиерот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.