Нема траен мир додека да не се тргнат израелските блокади

Координаторот на хуманитарната помош на Обединетите Нации (ОН) за појасот Газа, Џејмс Рули, оцени дека денеска се мали шансите да се постигне траен мир, ако Израел не ја укине блокадата воведена во 2006 година поради доаѓањето на власт на Хамас во Газа.

„Појасот Газа ќе доживее нова војна за неколку месеци, ако Израел не ја укине блокадата“, рече Рули за Франс Прес.

Тој додаде дека меѓународната заедница не успеала да прекине масакрот и да ги заштити цивилите во појасот Газа. Рули наведе како пример три згради на ОН кои се погодени од израелски воздушни напади.

„Блокадата треба да биде укината, не само за да се донесе опрема за реконструкција на појасот, туку овој појас и да го прави она што го праваше пред десетина години, да тргува“, додаде Рули.

Во Газа синоќа на сила стапи 72 часовен прекин на огнот додека во Каиро во тек се последните преговори за траење на примирјето.

Во рок од еден месец, загинале повеќе од 1.939 жители на Газа, додека пак од израелската страна настрадани се 67 лица.