Нема веќе возење со хартиени билети во автобусите на ЈСП

Од денес нема повеќе возење со хартиени билети во градскиот јавен автобуски  превоз. Се укинуваат хартиените билети за 10 возења, а оние за едно возење, купени кај возачот, остануваат во употреба.

Останатите билети ќе бидат впишувани во електронските персонализирани и неперсонализирани картички.

Системот за електронската наплата е воведен во ЈСП Скопје уште од август 2015 година, кога прво беа воведени билетите за бесплатен превоз на повозрасната група на граѓани (над 62 години за жени, односно над 64 години за мажи) и бесплатните билети за учениците од основните и средните училишта.

Како што информира ЈСП Скопје, од август 2015 до 31 декември 2015 година беше тест период, во кој беа воочувани одредени мали технички проблеми, кои успешно беа решени.

Од 1 јануари 2016 година во употреба беа пуштени и неперсонализираните картички, како и бесплатните студентски билети. Овој систем стартуваше паралелно со стариот систем на употреба на хартиениете билети за 10 возења и оние за едно возење, купено кај возачот.билет ЈСП – Овој систем ни овозможува и порамномерно сообраќање, следење на бројот на патници, порамномерни интервали на движење на возилата, како и зголемена безбедност на возачите, соопшти ЈСП Скопје.

Досега се издадени 131.604 персонализирани картички, односно 15.891 неперсонализирана картичка. Самите картички чинат 150 денари за неперсонализираната, која содржи две гратис возења и 200 денари за персонализираната, без впишување на билет. Со следното надополнување, граѓанинот не ја плаќа повторно картичка, туку само ја надополнува со парични средства.Скопска картичка

Со валидирање на картичката, самиот валидатор покажува уште колку средства се останати, односно уште колку возења може да се остварат (во зависност од типот на билет). Износот кој може да се надополни на билетите се движи од 100 до 6.000 денари.

Месечните, тримесечните, шестмесечните и годишните билети се впишуваат исклучиво на персонализираните картички, додека надополнување со средства и купување на сите останати билети, може да се направи на двата типа картички. Картичките задолжително треба да се валидираат на валидаторите, без разлика дали станува збор за бесплатен студентски, ученички или билет за возрасната категорија на граѓани.

Услугите на бесплатните билети за возрасната група на граѓани (над 62 години за жени и 64 за мажи) можат да ја користат жителите на Скопје, со вадење персонализирана картичка.

Услугите на бесплатни билети за студенти можат да ги користат исклучиво редовните студенти од државните универзитети, кои имаат студии во Скопје. За добивање на овој билет, студентите се должни да достават потврда за редовен студент од матичниот факултет, да понесат индекс и лична карта и да ги поднесат во најблискиот Центар за персонализација.

Овозможено е плаќање билет со мобилен телефон, т.е. со повикување на бројот 185 од било кој телефонски апарат, без оглед на оперативниот систем во него. Со доближување на мобилниот телефон до валидаторот, корисникот има можност за плаќање на билетот. Мобилен

Во сите возила се инсталирани ГПС уреди, преку кои автобусите можат да се следат дали застанале на некоја станица и да се следи нивната брзина во реално време.

– И секако информирани сме за бројот на патници во возилото, што ни дава сигнал за пуштање дополнително возило, доколку за тоа има потреба. Подобро е регулирана точноста на возилата и нивно навремено пристигнување на постојките. Системот ни овозможува, доколку се случи некоја сообраќајна незгода или пак дефект на возилото, веднаш да се реагира со пуштање сервисно возило или пак дополнително возило во сообраќај. Целата процедура се одвива преку Оперативниот контролен центар, кој е опремен исклучиво за следење на возилата, соопшти ЈСП Скопје.

Во сите возила се поставени дисплеи со сигнализација за која автобуска станица следи. На постојките се монтирани дисплеи кои ги информираат корисниците на јавниот превоз за колку време доаѓа автобусот што го чекаат.

Приватните превозници побараа одложување на примената на системот заради одреден број автобуси, кои беа зафатени од поплавите. По тоа барање се формираа мешовити комисии од приватните превозници, Град Скопје и ЈСП Скопје кои излегоа на терен за да ги проверат состојбите. Советот на Град Скопје на последната седница одлучи да ја одложи примената на стaртот на системот за електронска наплата до 1 јануари 2017 година.