Нема веќе чекање на шалтер за пререгистрација на невработените

Нема веќе гужви и турканици на шалтерите за пререгистрирање на невработените лица кои добиваат бесплатно здравствено осигурување. Од наредната година Фондот за здравство податоците ќе ги добива од УЈП.

Директорката на Фондот, Маја Парнарџиева Змејкова во емисијата „Кворум“ на Радио слободна Македонија екслузивно открi дека агонијата за околу 240 илјади граѓани конечно ќе заврши.

Практиката досега беше секоја година од февруари до април невработените лица да се пререгистрираат за да добијат бесплатно здравствено осигурување. Работата се оставаше за пет до дванаесет и тоа создаваше долги редици на шалтерите и нервоза. Но сликата од наредната година ќе се промени, вели директорката на Фондот и појаснува дека на овој начин ќе се избегне некои лица од ранливите категори поради тоа што не стигнале на време да ја завршат работата да изгубат некое право.

Од ФЗОМ велат дека оваа обврска претставуваше агонија за околу 240.000 граѓани, оваа бројка варира од година во година, но вработените во Фондот секоја година се соочуваа со голема бројка на осигуреници, кои најчесто оваа обврска ја оставаа до крајниот рок, 31 март и тогаш во подрачните служби е исклучително тешко и за самите осигуреници но и за вработените.

„ Од 2015 година податоците за пререгистрацијата на невработените лица, ќе ги добиваме по службен пат од УЈП. На овој начин избегнуваме и некои од ранливите категории на осигуреници, кои не стигнале на време да се пререгистрираат, поради тоа да изгубат некое право, како ортопедско помагало итн.  Долго работевме со УЈП за да го надминеме овој проблем и конечно оваа пролет нема да бидеме сведоци ниту на метеж ниту на гужви по подрачните служби“ , стои во соопштението што денеска ФЗОМ го упати во јавноста.

Оттаму информираат дека лицата со пониски примања согласно Законот за придонеси од задолжително здравствено осигурување се делат во две категории:

•             Осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле приход кој не е поголем од 96.600,00 денари годишно

•             Осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле приход кој е поглем од 96.600,00 денари годишно, но не поголем од 185.412,00 денари единствено во случај ако во последните два месеца оствариле вкупен приход кој е помал од 16.100 денари

За овие две категории на осигурени лица придонесот за здравствено осигурување го плаќа Министерството за здравство.

Лицата со повисоки примања согласно Законот за придонеси од задолжително здравствено осигурување се делат во две категории:

•             Осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле приход поголем од 96.600,00 денари, но помал од 185.412,00 денари ќе плаќаат придонес на основица од 50% или 1.128,00 денари

•             Осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле приход поголем од 185.412,00 денари ќе плаќаат придонес на основица од 100% или 2.256,00 денари

Со новинот начин на пререгистрација кои призлезе од проектот „Крај на турканици при пререгистрација на лицата со ниски примања“ , постапката ќе се одвива на следниот начин:

Лица кои веќе се регистрирани под овој основ

За лицата кои веќе се пререгистирани по овој основ нема потреба повеќе да доаѓаат на шалтерите на Фондот за да извршат нова пререгистрација како и понатаму би останале по тој основ и би имале континуитет во здравственото осигурување.

Согласно измените во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и во Правилникот за индикациите за начин на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, се укинуваат изјавите за остварени нето  приходи од  предходната година и наместо нив се воведува барање за прием во осигурување кое ќе го поднесуваат осигурените лица.

За лицата кои веќе се регистрирани под овој основ ФЗОМ податоците за нивните нето приходи ќе ги добива од УЈП преку електронска размена најдоцна до 31 јануари во годината што следи, после годината кога се врши поднесувањето на даночната пријава и утврдување на данокот како и од други извори, по доставено барање од страна на ФЗОМ и податоци за осигуренциите за кои е потребно да се достават податоци за вкупниот годишен нето приход кој го оствариле како семејство.

Тоа во праксата значи дека добивањето на податоците за нето приходите од УЈП или од други извори, ќе се подразбира дека самите лица веќе поднесле иницијално барање за нивна пререгистрација и ФЗОМ по службена должност ќе донесе решение за прием во осигурување. При тоа напоменуваме дека податоците кои ќе ги добие ФЗОМ од УЈП ќе се однесуваат за остварени нето приходи како семејство во 2013 година.

При овој чекор можат да се јават следните случаи:

•             Лице кое се пререгистрирало во 2014 година и поднесло точна изјава за остварени нето приходи како семејство во 2013 и понатаму останува во тој основ тогаш ФЗОМ автоматски ќе му го продолжи осигурување со носење на решение по службена должност

•             Лице кое се пререгистрирало во 2014 година и поднесло лажна изјава за остварени нето приходи како семејство во 2013 година, ФЗОМ треба да го одјави од осигурувањето и да поднесе кривична пријава за лажна изјава, а лицето има право да дојде на шалтер во подрачната служба и да си поднесе нова барање за прием во осигурување.

Лица кои во текот на годината за прв пат ќе се осигураат под овој основ

Лицата кои за прв пат се осигуруваат под овој основ во текот на година ќе треба да поднесат барање во кое ќе заокружат во која категорија на осигуреници спаѓаат според нивниот приход кој го оствариле како семејство во претходната година. Ова барање  се додека останат под основ и со таа категорија на приходи го поднесуваат само еднаш. По поднесување на барањето ФЗОМ по службена должност  ќе донесе решение за прием во осигурување.

За оваа категорија на лица ќе постои тековна проверка помеѓу ФЗОМ и УЈП и тоа по изготвување на решенијата за утврдување на приходи и даноци во тековната година со податоци од претходната година УЈП ќе го извести ФЗОМ кој во рок од 15 дена го доставува барањето на податоци за овие лица, а УЈП во рок од еден месец ќе ги достави бараните податоци и тоа најдоцна до крајот на тековната година. Тоа значи дека за овие лица ФЗОМ од страна на УЈП ќе добива податоци за остварени нето приходи како семејство за 2014 година.

При овој чекор можат да се јават следните случаи:

•             Лицето да поднесло барање со точни податоци за остварени приходи во претходната година и понатаму да остане да користи здравствени услуги под овој основ

•             Лицето да поднесло барање со неточни податоци за остварени приходи во претходната година и тогаш ФЗОМ ќе го одјави од здравственото осигурување и ќе донесе ново решение за задолжување кое има извршна исправа

•             Лицето кое поднесло барање со точни податоци остварени приходи во претходната година но во меѓувремено го променило основот на осигурување односно се вработило или е пријавен како член на семесјство итн., а за промената не го известило ФЗОМ тогаш ФЗОМ ќе го одјави од здравственото осигурување и ќе донесе ново решение за задолжување кое има извршна исправа