Нема законско ограничување на дозата за употреба на канабисот во медицински цели

Законот за користење на канабисот во медицински цели е донесен и е на сила а во изминатиот период се работеше и на подзаконските акти, кои се веќе изработени и доставени до законодавство за објавување и очекуваме да излезе во Службен весник, рече денеска министерот за здравство Никола Тодоров кој е во посета на Македонска Каменица.

-Она што е за одбележување е тоа дека во правилникот пропишавме дека нема ограничување на дозата и таа ќе зависи од состојбата на пациентот и од тоа што ќе го препише лекарот. Тоа до сега беше доста дискутирано а ние разговараме со широката стручна јавност пред да го воведеме и тоа беше една од работите за кои имаше различно мислење, односно да не се ограничи дозата, појасни Тодоров за време на гостувањето на ТВ Нова.

Ова значи дека докторот ќе ја определи дозата која ќе биде препишана на посебен рецепт со важење од 30 дена, а потоа може да се препише нова доколку е потребно.