Немаме обврска да ја проверуваме сопственоста на компаниите

По бурните реакции во јавноста за доделените грантови, од Фондот за иновации и технолошки развој велат дека немаат мандат, ниту обврска да вршат анализа на сопственичкиот капитал на компаниите кои аплицираат, ниту да вршат проценка на нивната политичка подобност. Од таму велат дека целосно стојат зад процедурата и, како што велат, транспарентниот начин на кој е спроведен првиот јавен повик од Столб 3 на Планот за економски раст на Владата.

„Ги поздравуваме сите повици да се испита работата на Фондот и ги повикуваме сите надлежни органи да го сторат тоа неодложно. Како и досега остануваме целосно транспарентни и отворени за одговор на сите прашања и дилеми кои се поставуваат во јавноста“, се вели во сооппштението на Фондот.

Во него се додава дека Фондот никогаш не вршел дискриминација на компаниите по која било причина.

„Би сакале да потенцираме дека Фондот ни досега, ниту во иднина, вршел или ќе врши дискриминација на компаниите по било која основа. Компаниите се оценуваат единствено според квалитетот на понудените проекти и придобивките од нив. Истовремено Фондот нема мандат, ниту обврска да врши анализа на сопственичкиот капитал на компаниите кои аплицираат, ниту да врши проценка на нивната политичка подобност“, велат од Фондот.

Оттаму појаснуваат дека финалната селекција ја прави Комитет за одобрување на инвестиции на Фондот кој е составен од петмина странски експерти со минимум десетгодишно меѓународно искуство во областа на инвестициите и иновациската дејност.