Неновски: Зголемувањето на акцизата значи собирање приходи за да се покрија новосоздадени расходи

Најавата за зголемувањето на акцизата за три денари има три компоненти: буџетско финансиска, втората е социјална и третата е монетарна, вели професорот Томе Неновски во Отвореното студио на ТВ Нова.

„Буџетско финасиската е забележана и во образложението на Буџетот каде што се вели дека причините за зголемување на акцизата е за зголемување на приходите во Буџетот. Буџетските средства кои доаѓаат од даноци, царини…  немаат карактеристики на наменски даноци.

Постои едно правило во економијата кое се вика неефектација, односно не се наменски насочени, дали ќе бидат за оној или за овој проект, тие влегуваат во касата. Никаде во буџетското образложение не стои дека тие ќе се искористат за заштита на животната средина, само се вели дека ќе се намали загадувањето на животната средина, а за тоа ќе треба да се реализираат проекти кои ќе треба да ги реализираат други министерства како она за животна средина.

Според тоа, главната цел е собирањето  одредени приходи за покривање  одредени расходи коишто се новопојавени од типот на платите во одредени сектори. Исто така, се укина радиодифузната такса, но тоа треба да се финансира од некаде“, анализираше професорот Неновски.