Неопходна е модернизација на ТЕЦ „Осломеј“

Неопходна е модернизација на термоелектраната „Осломеј“ бидејќи нејзиното работење со полн капацитет е од големо значење за енергетската стабилност на Македонија.

Ова е главниот заклучок на  советувањето на тема „Значењето на термоенергетиката на јаглен за енергетските системи на Македонија, со посебен осврт на РЕК Осломеј“, организирано од Здружението на eнергетичарите на Македонија (ЗЕМАК) во соработка со Македонската енергетска асоцијација (МЕА) при Стопанската комора на Македонија.

Според академик Глигор Каневче, со Европските директиви е предвидено најдоцна до 2017 година ТЕЦ „Осломеј“ да се модернизира во спротивно нема да може да работи зашто не ги задоволува технолошките норми.

– Можни се две сценарија за модернизација на термоелектраната од кои за првото треба да се вложат 50 милиони евра за подобрување на постојната опрема или, пак, да се вложат 100 милиони евра за изградба на нова модерна високоефикасна електрана во која ќе се исползува и дел од постојната опрема како што се оџакот, кулата за ладење и турбината. Токму заради тоа и инвестицијата е релативно скромна, рече Каневче.

Прашање е, нагласи, дали ќе се оди на опција за модернизација по која капацитетот ќе користи домашен лигнит или увозен висококалоричен јаглен, додека опцијата за користење природен гас е многу поскапа, а и искуствата од постојните гасни електрани не се многу поситивни.

– При модернизацијата треба да се води сметка дека горивото кое ќе се избере треба да овозможи непречено работење на ТЕЦ „Осломеј“ од најмалку 35 години. Доколку не се модернизираат термоелектраните ќе се соочиме со потреба од увоз на електрична енергија во висина од околу 150 милиони евра годишно. Оваа сума е многу значајна и затоа е многу подобро да ја искористиме за инвестирање во домашното производство, појасни Каневче.

Директорот за развој на АД ЕЛЕМ Александар Пауноски посочи дека во компанијата разгледувале пет опции за модернизација на ТЕЦ „Осломеј“.

– Првата опција е термоелектраната по модернизацијата да работи на увозен висококалоричен јаглен, втората на домашен лигнит, третата на увозен лигнит од Косово, четвртата на лигнит од Грција и петтата на природен гас. Од анализата излезе дека најдобро е да работи на висококвалитетен увозен јаглен, бидејќи има најпостојана цена на светскиот пазар и е можен неограничен увоз. Поевтина варијанта би била да работи на домашен лигнит, но само ако ископот е во непосредна билизина на термоцентралата. Сепак оваа варијанта не е можна бидејќи капацитетите во Македонија се ограничени и поблиските рудници не можат да ја задоволат годишната потреба на термоцентралата, како и да овозможат непречено снабдување од најмалку 35 години. Најголем капацитет има рудникот во Мариово , но тој е наменет за работа на РЕК „Битола“, рече Пауноски.

Тој нагласи дека е неопходно да се направи добра анализа пред да се одлучи за модернизација, бидејќи, како што рече, од физичко-хемиските својства на горивото кои се различни за секој рудник зависи каков треба да биде казанот на термоелектраната.

– Доколку се користи гориво со различни физичко-хемиски својства од пропишаните може да дојде до оштетување на казанот. Од таа гледна точка повторно најдобро е користењето на висококалоричен јаглен заради дефинираните карактерискити кои мора да ги има за да се понуди на светскиот пазар. Ние ги разгледавме и коридорите за транспорт на јаглен и заклучивме дека пристаништето во Солун е главната опција, а во Драч резервната. Анализите покажаа дека камионскиот транспорт од пристаништата до термоелектраната е нешто поевтин од железничкиот, но која и да се избере од двете опции не влијае значајно на цената на електричната енергија што ќе се произведува, рече Пауноски.

Прецизира дека во последните неколку години производната цена на електричната енергија од ТЕЦ „Осломеј“ е многу повисока од нејзината пазарна вредност, поради што, како што рече, нејзиниот капацитет многу малку се користи.

Претседателот на МЕА Кочо Анѓушев истакна дека најдобра опција би било да се направи некоја комбинација меѓу домашниот лигнит и увозниот висококвалитетен јаглен.

– Мое длабоко убедување е дека комбинацијата на увезен јаглен и на јаглен од домашно производство може да даде економична експлоатација на термоелектраните кои ги имаме. Како држава мора да ги користиме ресурсите кои ги имаме и  не смееме да дозволиме да престанат да работат, рече Анѓушев.

Претседателот на ЗЕМАК Драган Мијалковски потенцира дека во најскоро време мора да се изнајде соодветно решение за функционирањето на ТЕЦ „Осломеј“.

– Предвидувањата се дека ТЕЦ „Осломеј“ до 2018 година може да се снабдува од постојните наоѓалишта на лигнит, а по модернизацијата што треба да се направи по 2021 година да користи увозен јаглен, рече Мијалковски.