Неопходна е поддршката од Европскиот парламент во европскиот интегративен процес на земјава

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска оствари средба со европратениците од групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент Ханес Свобода и со претседателот на Групата и известителот за Македонија Ричард Ховит.

На средбата стана збор за неколку поважни актуелни прашања поврзани со европската агенда на Македонија и перспективите на процесот на интеграција во Европската унија во 2014 година.

Министерот Попоски ја истакна важноста на поддршката на Европскиот парламент во европскиот интегративен процес, артикулирана во последната Резолуција за Република Македонија. Тој информираше за напредокот во реформите во клучните области, со посебен акцент на имплементацијата на обврските од политичкиот договор од 1 март 2013 година, реформите во судството, јавната администрација и медиумите. Министерот Попоски ги запозна соговорниците и со активностите кои  Република Македонија ги презема во насока на натамошно унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка.

Европратениците Ховит и Свобода  ја реафирмираа поддршката на групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, за почеток на пристапните преговори со Република Македонија. Во контекст на следните европски избори, тие изразија уверување дека новиот состав на Европскиот парламент ќе го одржи континуитетот на подршката за процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.