Неопходно е да се врати довербата во институции во кои има пропусти

Институциите мора да функционираат, бидејќи без луѓе, ништо не се случува, но без институции, ништо не трае.

Ова денеска го истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во обраќањето на централното чествување на 2 август, Денот на Републиката, на Мечкин Камен во Крушево.

– Неопходно е да се врати довербата во институции во кои има пропусти. И во образованието, и во судството, па и во одбраната и безбедноста. Оваа држава ја граделе даскали и учители како Гоце Делчев и Ѓорче Петров, Даме Груев и Димо Хаџи Димов, Мисирков и Чуповски… Затоа, новиот закон за високо образование што предизвика внимание кај јавноста треба да ја добие поддршката и од универзитетите, и од професорите, и од студентите. Судството треба конечно да стане вистински чувар на правдата, рече Иванов.

Во 1925 година, потенцира претседателот, Крсте Петков Мисирков напиша „Ние, македонската интелигенција, без сомнение ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина. Меѓутоа, има околности што ја намалуваат нашата вина…“.

– Но, денес, 90 години подоцна, тука, од Крушево, велам дека веќе нема околности што би ја намалиле одговорноста на македонските интелектуалци, политичари, медиуми, невладини организации…Секој сноси дел од одговорноста за неодговорното однесување во сопствената сфера на дејствување. Учеството во јавниот простор подразбира јавна пристојност и јавна одговорност за јавно изговорениот збор, нагласи Иванов.

А со какви зборови го исполнивме јавниот простор, праша Иванов додавајќи дека „во изминатиот период, и ние, и нашите деца се изнаслушавме горчливи, вулгарни и брутални зборови кои создаваат недоверба меѓу луѓето“.

– Иако зборуваме на истиот јазик, престанавме да се разбираме. Иако заедно сме минале и низ добро и низ лошо, сме се радувале на победите и сме тагувале за поразите, се однесуваме како да сме туѓинци. Престанавме да си веруваме на дадениот збор. Не сме биле толку раскарани уште од времето на пропагандите. Дијалогот го сведовме на монолог, во кој никој никого не слуша, истакна Иванов.

Укажа дека отсуството на опозицијата од институции предолго го оневозможуваше механизмот на контрола. Според него, недозволиво е нашиот политички систем да зависи од карактерот на лидерите на политичките партии.

– Крајно време е да го исполниме последниот македонски манифест. Време е стиснатата тупаница да ја замениме со раширени раце, неодговорното однесување да го замениме со неопходната одговорност, а меѓусебните обвинувања да ги замениме со враќање на довербата. Довербата е потреба на поединецот и врзивно ткиво на општството. Поединецот без доверба се изолира, а општество составено од изолирани поединци се распаѓа, рече Иванов.

Појасни дека како претседател на Република Македонија, секогаш правел сè што е во рамки на неговите надлежности да обезбеди услови за дијалог, за градење доверба.

Нашата цел, посочи претседателот, мора да биде држава и општество втемелени врз заемна доверба, доверба меѓу граѓанинот и државата, и меѓу институциите на државата. Според него, клучот за довербата е одговорноста, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност и секој кој носи одлуки ќе преземе одговорност за своите чекори.

– Така се градат државата и иднината. Одговорни граѓани во одговорна држава. Реков и, пак, ќе речам: Сега е време на отрезнување и освестување. Затоа, како што знаеме да живееме со нашите најдлабоки верски и етнички разлики, така мора одново да научиме да живееме и со нашите идеолошки и политички разлики. Бидејќи, има едно нешто што ги надминува и ги порамнува сите разлики, а тоа е Македонија. Тоа е нашата одговорност кон заветите на нашите предци и кон иднината на нашите потомци. Бидејќи интересите ни се исти, а иднината ни е заедничка, додаде претседателот Иванов.

 

 

Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска се обрати на централното чествување на празникот Илинден на Мечкин Камен.