Непопустливоста кон Грција и рускиот гас – повод за “Пуч” во Македонија

Ставајќи ја придавката македонски под наводници, грчките медиуми информираат дека на вчерашниот собир премиерот Никола Груевски порача дека нема да прифаќа предлози што го загрозуваат македонскиот идентитет. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, реафирмацијата на владината позиција за заштита на уставното име и идентитетот, но и за референдумот, во Грција се опишува како “повторување на крутите позиции”.

Државната новинска агенција АНА-МПА информира дека вчерашниот собир на ВМРО-ДПМНЕ во “Борис Трајковски” бил масовен и имал строг “патриотски” карактер.

“Во меѓувреме, господинот Груевски ги потврди крутите партиски линии на ВМРО-ДПМНЕ за името”, се вели во текстот на АНА- МПА.

Весникот “Катимерини” пак во анализа посветена на задкулисните притисоци врз Македонија и Грција, информира дека тие се прават од страна на  САД,  ЕУ и Германија , а најавата на грчката страна за предлагање на т.н. мерки на доверба со Македонија се последица на овој притисок.

“Овој развој на настаните доаѓа по серијата јавни и задкулисни лобирања до Атина и Скопје од САД, Германија и Еврoпската Унија, кои што со сите расположливи средства сакаат да постигнат интензивирање на разговорите и на пристапните преговори со Македонија”, пишува “Катимерини”.

Грчките медиуми претходно информираа дека зад “Пуч”, меѓудругото,  се крие и незадоволството на Западот од тоа што Груевски не и попушта на Грција и инсистира на Република Македонија и македонска нација, но и на референдумот како единствен начин за постигнување на конечното решение. Поради ова Грците ставале вето во евро-атлантските организации, а тоа им отежнува на западните сили да ја држат Русија подалеку од Балканот, анализираа грчките медиуми.

Дел од странските медиуми пак, поконкретно, посочуваат дека обидот за државен удар имаше за цел да ја спречи реализацијата на гасоводот “Турски тек”. Американскиот новинар Вејн Мадсен во својата последна анализа објавена на интернет страната на The Centre for Research on Globalization, пишува дека САД полека ги губат сојузниците и се соочуваат со неуспеси на глобално ниво, а меѓу нив е и неуспешниот обид за пуч во Македонија.

“Неуспехот на операциите на Џорџ Сорос и Викторија Нуланд со цел соборување на македонскиот премиер Никола Груевски од власт во Скопје, преку неуставен и од ЕУ изрежиран обид за државен удар и негово заменување со оперативецот на Нуланд и Сорос, Зоран Заев од Социјал-демократската партија финансирана од Сорос, беше редок неуспех на “демократските инженери” од Стејт Департментот, ЦИА и Соросовиот Институт Отворено оштество”, се вели во текстот на Мадсен.

Идентични тези може да се прочитаат и во дел од српските медиуми. Српскиот портал за вести “Нови Стандард” пишува дека на удар се владите на сите држави низ кои што треба да  поминува “Турски тек”, како Србија и Унгарија, но и Македонија, која што е клучна држава за реализација на проектот.

 “Нова на линијата на дестабилизација е Македонија, која што може да биде клучната земја во Јужен тек 2.0. и каде што американските клиенти се обидуваат да ја соборат владата на Никола Груевски”, пишува српскиот портал.

Рускиот аналитичар Андреј Корбико, во колумна за новинската агенција “Sputnik” пишува дека минатонеделниот старт на изградбата на гасоводот во Македонија е почеток на реализацијата на стратегијата за “Турски тек”, нешто што немаше да се случи доколку нашата земја не се спротиставеше на обидот за обоена револуција што имаше за цел да го саботира проектот.

“Разбирајќи дека таа ( Македонија ) е клучното грло низ кое што балканскиот тек мора да протече, Вашингтон сакаше да организира државен удар во земјата со цел да инсталира нов лидер кој што ќе го одбие проектот и ќе стави крај на плановите на регионот за сигурен енергетски транзит”, се вели во текстот.

Корбико пишува дека неуспехот на Зоран Заев да креира обоена револуција и да добие следбеници, покажува дека Македонците сфатиле дека станува збор за трик односно обид за државен удар во стилот на оној во Украина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.