Непопустливоста на Груевски за името – главна тема на литургија на Антимос

Во нападите насочени кон премиерот Никола Груевски поради непопустливоста пред грчките барања се приклучи и солунскиот митрополит Антимос, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Среде црква, за време на неделната литургија, Антимос изрази големо незадоволство од реафирмацијата на црвената линија на ВМРО- ДПМНЕ за името и идентитетот од страна на премиерот Груевски. Тој и порача на грчката влада да не се трудела залудно да предлага мерки за градење на доверба, бидејќи македонскиот премиер јасно ја отфрлил можноста за менување на Уставот и за прифаќање на предлози што го загрозуваат македонскиот идентитет – нацијата и јазикот.

“Ако ние се прашуваме, ние би рекле не се обидувајте и не се мачете. Не постои начин да изградите такви мерки”, порача Антимос и уште еднаш ги прекори Грците кои што оделе да трошат пари во Македонија.

Со несмалено темпо продолжуваат и критиките на грчките медиуми насочени кон политиката на премиерот Груевски за заштита и промоцијата на името и идентитетот. Весникот “Димократиа” во анализа посветена на аферата “Пуч”, ВМРО ДПМНЕ ја опишува како партија со националистички карактеристики, а на премиерот Груевски му се замерува затоа што водел политика со која што ги стимулирал македонските карактеристики на народот и поставувал споменици на македонските херои.

“ВМРО-ДПМНЕ ја води власта во земјата од 2006 та. Веднаш по преземањето на властa, Груевски ја имплементираше политиката на антиквизација, насочена кон стимулирање на македонските карактеристики на славо-македонскиот елемент, претворајќи го плоштадот во Скопје во парк од статуи од хероите на нацијата”, се вели во анализата на “Димократиа”.

Во меѓувреме се чини дека Грците не губат време во намерата со кризата креирана од СДСМ да лобираат против Македонија на меѓународна сцена. Грчки дипломатски извори за државната телевизија пред вчерашната средба во Берлин меѓу шефовите на грчката и на германската дипломатија открија дека една од темите ќе биле случувањата во западен Балкан, а акцент ќе биде ставен на политичката нестабилност во Македонија. Ваквата состојба во нашата земја особено и оди во прилог на грчката страна, која што според весникот “Катимерини”, исто како и македонската, е под силен притисок од Вашингтон, Брисел и Берлин за интензивирање на разговорите за името.