Неприфатливо е Евреите да се плашат да одат по улиците низ Европа

Неприфатливо е Евреите да се плашат да одат по улиците во Европа, седум децении по нацистичкиот холокауст, изјави денеска претседателот на Израел, Рувен Ривлин на погребот на четорицата убиени Евреи во напад во супермаркетот за кошер храна во Париз, на гробиштата Хар Хаменухот во Ерусалим.

– Не можеме да дозволиме во 2015 година, 70 години по крајот на Втората светска војна, Евреите да се плашат да шетаат по улиците на Европа со капи на темето и цицити, нагласи Ривлин.

Во погребната церемонија, што се изведува според традиционалните еврејски верски обичаи, покрај Ривлин, учествуваше и израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху.

Како и Ривлин и Нетанијахѕ во своето обраќања на комеморативната цереминија, се обиде да најде објаснување за причината за нивната смрт, меѓу растечкиот нов антисемитизам во Европа и Франција и милитантниот исламски екстремизам.

Кабинетот на премиерот Нетанијаху,претходно,соопшти дека ваквата церемонија се изведува на барање на роднините на жртвите кои побарале од израелските власти, убиените да не бидат погребани во Франција, туку во Израел.

Четворицата Евреи беа убиени на 9 јануари од терористот Амеди Кулибали, кој вооружен со калашникови упадна во супермаркетот за кошер храна. Овој напад се случи само два дена по терористичкиот акт во сатиричното списание „Шарли Ебдо“, при кој беа убиени 12 лица. Ден подоцна Кулибали уби полицајка во едно предрадие на Париз.

Убиените Евреи се на возраст меѓу 21 и 63 години. Двајцата најмлади се обиделе да му го грабнат оружјето на напаѓачот, но биле брутално убиени. Едниот од нив бил во Париз на обука, подготвувајќи се да биде рабин во Тунис, а највозрасниот дошол во Франција во посета од Израел.

Во разговорот што Нетанијаху го имаше со францускиот претседател Франсоа Оланд за време на неговата посета на Париз за учеството во антитерористичкиот марш, израелскиот премиер побара поголема заштита за еврејското население и посебно на верските објекти и еврејските училишта.

Според израелските медиуми, француските Евреи се чувствуваат се понебезбедни во земјата и загрозени од „растечкиот антисемитизам“ во Франција и во Европа. Само во 2014 година, седум илјади Евреи ја напуштиле Франција и се преселиле во Израел.

Нетанијаху во говорот во париската синагога ги повика француските Евреи „да се преселат на безбедно, во Израел“.