Неприфатливо е опозицијата во Македонија да не е во парламентот

Еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан, во изјава за МИА оцени дека ситуацијата во Македонија создава главоболки во Европската унија, и порача дека за Брисел е неприфатливо опозицијата да не е во парламентот и оттаму да ги решава сите отворени прашања со власта.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан посочи и дека Европската комисија очекува правна и политичка разрешница на случајот Пуч, заедно со формирање Анкетна комисија за истраги во рамки на македонското Собрание, каде власта и опозициската СДСМ ќе ги решаваат сите отворени прашања со скандалот со прислушувањето.

– Генерално, можам да кажам дека ситуацијата во Македонија е многу сериозна и создава многу главоболки за нас оти не е повеќе прифатливо да имаме ситуација во која опозицијата не е во парламентот, а постои и ова прислушување кое треба да биде расчистено и мислам дека е потрено да се има длабока истрага. Замолуваме да има политичко третирање на ова прашање во парламентот со креирање на Комитет за истрага, но исто така и да има понатамошна истрага на криминалниот случај на ова прашање. Мислам дека ова се предуслови за земјата на нејзиниот пат кон Европа, истакна Хан во изјава за МИА.

На денешната конференција Проширување, економски раст и управување што во организација на Советот за регионална соработка (СРС) и канцелаирјата на Баден-Вутемберг, како и на Европскиот фонд за Балканот, денеска се одржа во Брисел, Хан исто така изрази загриженост за ситуаицијата во Македонија и порача дека не смее да се дозоволи таа да се влошува и понатаму.

 – Сите страни да преземат одговорни обврски и итни чекори кон одржливо решение, да го обноват политичкиот дијалог и довербата во институциите. Потребно е обвинувањата да се истражат од релевантните власти, како оние за погрешни работи што се објавени јавно. Принципот за независност и презумпција на невиност, слободата на медиумите и основните права треба да се воспостават. Сите политички партии да направат напори да избегнат политички и меѓуетнички тензии. ЕК ја следи одблиску ситуација, а и им помагаме на европратениците кои ги олеснуваат разговорите меѓу главната владина и опозициска партија и бараме да се решат забелешките во ланскиот прогрес-извештај, истакна Хан.

На крајот, еврокомесарот за преговори за проширување рече дека е потребно да се најде брзо решение на ситуацијата во Македонија, повикувајќи се на заклучоците на Европскиот совет, во кои министрите за надворешни работи на ЕУ-земјите изразија загриженост во последните заклучоци и побараа итно да се најдде одржливо решение за европерспективата на народот на Македонија.

Комесарот Хан, исто така, одговори и на прашањето на дописникот на МИА, дали поради однесувањето на опозициската СДСМ во Македонија е можно Комисијата да ја одземе препораката за почеток на пристапните преговори на земјата со Европската унија

– За Македонија, за среќа не го објавуваме прогрес-извештајот утре, па не сакам да придонесувам за гласини и слично. Како и да е, ситуацијата е сериозна, европските земји, Европскиот парламент, јавноста во ЕУ ја следат ситуацијата и затоа, убеден сум дека одговорните луѓе во земјата се целосно свесни за ситуацијата и ќе придонесат се да се реши пред летната пауза, за да немаме главоболки за прогрес-извештајот во октомври, посочи Хан.