Непрооден патот кон неколку села кај Тиквешкото езеро

Непрооден е патот кон кавадаречките села Шешково и Праведник близу Тиквешкото Езеро, поради свлечишта и одрони кои настанаа како последица на поројните дождови, пренесува МИА.

– Се појави едно свлечиште до селото Шешково, а оттаму до Праведник уште три. Реагиравме до локалната самоуправа и добивме ветување дека патот ќе биде расчистен најбрзо што може, рече за МИА претседателот на месната заедница Шешково, Влатко Мишков.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов потврди дека знае за проблемот и кажа дека се преземени активности за негово решавање.

– Преку донација од локални компании кои поседуваат соодветна механизација, патот ќе биде приспособен за движење во најскоро време, нагласи Панов.