Нетанјаху им предложи на земјите од НАТО помош во борбата со тероризмот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им предложи на земјите од НАТО помош во борбата против тероризмот, јави ТАСС.

– Подготвени сме да пружиме помош на НАТО во оваа борба, подготвени сме да ги споделиме разузнавачките информации, искуствата, за да помогнеме во заедничката работа, истакна Нетанјаху на средбата во Ерусалим со претставниците на земјите од Алијансата.

– Теророт не знае за граници и затоа и заедничките напори во борбата против тероризмот не треба да знаат за граници, порача Нетанјаху.

– Пред два дена терорист влезе во ноќен клуб во Орландо и уби 50 невини лица. Неколку дена претходно терорист влезе во кафуле во Тел Авив и уби четири лице. Тоа се лоши дела извршени од луѓе со злобни намери, претставниците на цивилизираниот свет треба да се обединат за да победат, изјави израелскиот премиер.

Тој изрази увереност дека при заеднички дејствија е можно да биде скротен тероризмот и да биде поразена Исламската држава.

Нетанјаху исто така изрази благодарност до НАТО за одлуката да се даде постојана застапеност на Израел во седиштето на Алијансата во Брисел.

– Му даваме многу големо значење на тоа. Израел може многу да му даде на НАТО и сметам дека и НАТО може да пружи многу на Израел, истакна израелскиот премиер.