Нетанјаху: Израел извршил десетици напади во Сирија

Израел извршил десетици напади во Сирија, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, признавајќи првпат вакви напади врз наводни оружени испораки за борците на шиитското движење Хезболах во Либан.

Иако официјално зазема неутрален став кон граѓанската војна во Сирија, Израел често се заканува со спречување на испораките на модерно оружје за Хезболах, кој е поддржан од Иран, но никогаш не потврдувал информации за конкретни воздушни операции.

– Ние дејствуваме кога е потребно, вклучувајќи тука, преку границата, извршувајќи десетици напади со цел да го спречиме Хезболах да се здобие со модерно оружје, истакна Нетанјаху за време на посетата на израелските војници на окупираната Голанска висорамнина.

Тој не потврди кога и какви напади извршил Израел во Сирија.