Нетанјаху нареди затворање на преминот кон Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди затворање на главниот премин за возила во Појасот Газа како одговор на испраќањето на змејови и балони закачени со експлозивна територијата на Израел.

Премиерот вети дека ќе биде со „цврста рака“ против Хамас, милитантите кои ја контролираат Газа, но не даде повеќе детали за тоа.

Израелската армија соопшти дека преминот „Керем Шалом“ е затворен на неодредено, освен за хуманитарна помош, медицински материјали и храна.

Портпаролот на Хамас, Фавзи Барум го нарече потегот на Израел „ново злосторство против човештвото“ и ја повика меѓународната заедница да интервенира, објави АП.

Палестинците пуштаат балони и змејови со експлозив како дел од неделните протести на границата на Израел и Газа, со цел укинување на блокадата што Израел и Египет ја воведоа пред повеќе од десет години во Газа.

Израелската армија во изминативе неколку месеци уби повеќе од 130 Палестинци за време на протестите на границата.

Израелските власти тврдат дека ги бранат границите и го обвинуваат Хамас дека ги користел демонстрантите за да ги скријат нападите.