Нетанјаху порача дека Палестинците мора да се помират со фактот дека Ерусалим е израелска престолнина

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача во неделата во текот на посетата на француската престолнина Париз дека Палестинците мора да ја прифатат реалноста дека Ерусалим е главен град на Државата Израел за да тргнат кон мирот.

Ерусалим е главен град на Израел 3.000 години и „никогаш не бил главен град на ниеден друг народ“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Нетанхају ја упати оваа порака во моментите кога на Блискиот исток и ширум светот се одвиваат жестоки протести против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го ефектуира законот со кој Ерусалим САД го признаваат за главен град на Израел. Во неделата, така, избувнаа насилства во близината на американската амбасада во либанската престолнина Бејрут, но и на други места.

Зборувајќи во Париз по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, Нетанјаху изјави дека настојувањата да се негира „милениумските врски на еврејскиот народ со Ерусалим се апсурдни“.

„Можете тоа да го прочитате во една многу добра книга – се вика Библија. Каде на друго место би бил главниот град на Израел туку во Ерусалим? Колку поскоро Палестинците ја сфатат оваа реалност, толку поскоро ќе тргнеме кон мирот“, порача Нетанјаху.

Палестинците сакаат источен Ерусалим, кој Израел го зазема во текот на ткн Шестдневна војна од 1967 година, да биде главен град на нивната идна држава. Израел, пак, вели дека Ерусалим е неделива и вечна престолнина на еврејската држава.

Францускиот претседател Франсоа Макрон побара од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да покаже гест на добра волја кон Палестинците за да се премости јазот меѓу двете страни кој дополнително е продлабочен со американската одлука за Ерусалим.

Осудувајќи ја секоја форма на насилство против Израел, Макрон рече дека јасно му рекол на Нетанјаху дела е против одлуката на Трамп, којашто е „опасна за мирот“.

„Побарав од премиерот Нетанјаху да направи некои храбри гестови кон Палестинците за да се направи придвижување од сегашната мртва точка“, рече францускиот претседател. Повтори дека Франција смета оти решението коешто вклучува две држави е единственото можно за да се стави крај на израелско-палестинскиот судир.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.