Нетанјаху : Заборавете на илузиите! Иран се стреми кон атомска бомба!

Иранскиот режим се обидува да се здобие со атомска бомба и го поддржува тероризмот, но Израел ќе го спречи Техеран да користи такво оружје, изјавил во Рим израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, цитиран од „Франс прес“.

„Заборавете на илузиите! Иран се стреми кон атомска бомба. Овој режим го поддржува тероризмот“, рекол премиерот во синагога во Рим , каде што заминал за празникот Ханука, придружуван од неколку израелски министри и од италијанскиот колега Енрико Лета.

„Нема да дозволиме Иран да се здобие со атомско оружје, што да може да го користи против нас. Ќе одоговориме на заканата што ни се наметнува“, рекол израелскиот премиер.

„Нема да молчам ако Израел е во опасноста. На сите им е познато дека како премиер на Израел секој ден предупредувам за опасностите од иранската нуклеарна програма“, истакнал Нетанјаху.

Нетанјаху денеска ќе биде примен во Ватикан од папата Франциско, каде на средбата ќе разговараат за посетата на Светата земја, која папата се подготвува да ја направи следната година, а потоа израелскиот премиер ќе се сретне и со неговиот италијански колега, додава „АФП“.