Нетпрес на изборите во Грција

Продолжување со реформите што ги бараат меѓународните кредитори или радикални промени – на оваа дилема денеска својот одговор ќе го дадат близу 10 милиони гласачи во Грција.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, лидерот на Нова Демократија Антонис Самарас изрази надеж дека ќе ја добие поддршката од големиот број граѓани што се изјасниле како неопределени на анкетите, кои што покажуваат водство од околу 5 проценти за опозициската Сириза.

Го задржувам својот оптимизам, затоа што верувам дека никој нема да ја загрози европската насока на мојата земја, изјави Самарас по гласањето.

Лидерот на Сириза Алексис Ципрас пак, се обрати со вообичаената строга реторика за меѓународните кредитори.

Денес решаваме дали Тројката утре ќе се врати во Грција за мерките одлучени од страна на Самарас или пак, почнувајќи од утре земјата ќе го потврди своето враќање кон достоинство, преку една тешка преговарачка процедура, порача Ципрас откако гласаше.

Грчките избори и овој пат заземаа размери на глобален настан. Овде во прес центарот во Запион акредитирани се дури 900 странски новинарски екипи. Првите резултати од гласањето се очекуваат околу 21 часот и 30 минути по локално време, но конечните резултати за тоа дали победникот ќе го освои и потребното мнозинство од 151 пратеник ќе се знаат најверојатно утре изутрина.