Нетпрес на протестите во Атина

Грчкиот Парламент вчера вечер со големо мнозинство од 229 гласа рече ДА за новиот пакет мерки за штедење. Реформите опфаќаат измени во даночното законодавство, во социјалната помош и ограничување на предвременото пензионирање.
Пакетот мерки беше изгласан со голема поддршка на опозицијата, додека најгласни противници беа некои од најистакнатите членови на СИРИЗА, како поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис и министерот за енергетика Панајотис Лафазанис.
Тензичната и мачна расправа во Парламентот, веќе традиционално беше проследена со протест на плоштадот Синтагма, а незадоволството на граѓаните кулминираше во насилство и нереди, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
На истото место пред само десетина дена, грчките граѓани го славеа успехот на реферeндумот. Вчера вечер пак, тие излегоа за да го искажат својот револт поради тоа што референдумското НЕ стана ДА.
Својот гнев дел од граѓаните го манифестираа судирајќи се со полицијата. Фрлаа молотови котели и камења, а ги оштетија и околните банкомати и излози. Полицијата пак, возврати со солзавец.
На протестите се чини дека не беше загарантирана ниту безбедноста на новинарските екипи. Доказ за тоа беше и опожареното возило за телевизиски пренос во живо. Освен возилото на грчката телевизија Антена, во протестите настрадаа и неколку новинарски екипи. Според информации на грчките медиуми, еден новинар е застрелан во ногата, а повредени се и двајца странски фоторепортери.
Граѓаните на протестот со кои што Нетпрес поразговара велат дека ова што се случува не е демократија и дека и понатаму ќе се борат, во име на народот, а пред се на работничката класа.
-Се противиме на овие нови мерки што оваа Влада, против волјата на граѓаните, сака да ги наметне во Грција која што во последните пет години е уништена од мерките на ММФ и Тројката. Референдумското НЕ што го кажавме пред неколку денови требаше да биде јассен одговор за новите имерки и за Владата. Ние сакаме повторно да се бориме, за да победат луѓето и работничката класа, а не невработеноста и останатите поселдници што овие мерки ги оставија врз нашите животи, вели за Нетпрес еден помлад Грк.
–          Делумно го поддржуваме премиерот Алексис Ципрас, затоа што сметаме дека многу силно се бореше за правата на народоот. Но, од друга страна, не ни се допаѓа системот што се обврзаа да го следат. Се противиме на плановите на Европската Унија, а особено на Германија, вели друг.
Вчера вечер на Синтагма протестираа нешто помалку од 13 000 граѓани. Гневот што се трансформираше во насилство најави дека ова долго и жешко лето во грчката престолнина ќе биде проследено со зовриени страсти на незадоволниот народ.