Нетпрес во Пиреја: Како се живее со банките под клуч?

Нетпрес во Пиреја: Како се живее со банките под клуч?
Како живее и функционира грчката нација последните две седмици со затворени банки? Одговор на ова прашање побаравме во атинската населба Пиреја, каде што живее средната класа и кризата особено се чувствува, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Никос Бофилиос е бренд менаџер за облека, а неговата партнерка Лабрини Сиухлери е сметководител. На балконот од нивниот дом со поглед на Пиреја, Никос ни раскажа дека поради затворањето на банките, бизнисот стагнира, а веќе трета седмица нема земено плата, додека Лабрини и воопшто нема клиенти. Сепак, обајцата велат дека веруваат во премиерот Алексис Ципрас.

niko
  За нас е особено тешко, затоа што не може да нарачаме облека за да ја продавме, а и никој не доаѓа кај нас бидејќи луѓето гладуваат. Тие преферираат да купат ориз или тестенини, а не облека. Таква е состојбата. Не сум среќен кога гледам луѓе кои пребаруваат во кантите за отпадоци. Не сум среќен кога гледам луѓе пред супермаркетот кои што чекаат да им се подаде кеса со храна. Не верував дека ова ќе и се случи на Грција, никогаш, вели Никос.
Нетпрес: Дали сте оптимист и што мислите за минатонеделниот референдум на кој што мнозинството Грци одговорија со не ?
 Гласањето со НЕ беше прашање на гордост и достоинство. Верувам во Ципрас. Пет години сите пари одат кај банките и ништо кај народот. Замислете, основната најниска плата е 580 евра и ако за кирија плаќате 200  или 300 евра, а мора да платите за струја, за вода, за даноци, ви остануваат околу 15 евра да трошите месечно за да јадете, но мислам дека со овие пари може само да спиете, одговара тој.
Лабрини пак ни кажа дека поради затворените банки, луѓето воопшто и не размислуваат на даноците, што значи дека веќе две седмици е без клиенти. Таа објаснува дека во Грција даноците и цените постојано се зголемуваат, додека паралелно платите и пензиите константно опаѓаат.  
 
  Сега секоја година плаќаме даноци за недвижнини, а тоа не беше така порано. Мислам дека некои за кусо време повторно ќе ја купат својата куќа со данокот што го плаќаат. Во Грција, вкупниот износ за даноци што го плаќаме се зголеми за 200 до 300 проценти. И не само тоа. И цената на електричната енергија се зголеми многу, околу 20 проценти, вели Лабрини.
 labrinto
Нетпрес: Може ли да се очекува ново зголемување на даноците ?

 Оваа Влада вели дека нема да има ново зголемување, а особено не за сиромашните, но богатите ќе треба да платат повеќе. Сега чекаме да видиме. Тие рекоа и дека ќе го укинат новиот данок за недвижнини, но сега не може да го сторат тоа и тој мора да продолжи, одговори таа.
И Ламбрини исто како и Никос, смета дека одговорот со НЕ на референдумот бил прашање на гордост.

 Ние Грците си го вративме достоинството преку гласањето со НЕ и ова го мислат повеќето луѓе. Мислам дека ќе ги имаме истите проблеми, без разлика дали ќе одговоревме со ДА и НЕ, но сепак е прашање на достоинство и не сакаме да  чувствуваме дека Европјаните се наши шефови и му веруваме на новиот премиер затоа што веруваме дека се бори за најдоброто.
Во Пиреја се наоѓа и најголемото грчко пристаниште и огромен број на туристички агенции. Сопствениците со кои што Нетпрес разговараше се со поделени мислења, едни велат за грчкиот туризам нема криза, додека други апелираат што побрзо да се најде решение, за да не пропадне оваа сезона која што веќе е во опасност.
Христос Салас е соственик на туристичка агенција. Вели Владата мора брзо да најде решение, за оваа сезона која што веќе почна да пропаѓа да не се претвори во катастрофа.

hristoto
  Мислам дека треба да сториме нешто брзо, затоа што ја губиме сезоната. Ако и следната седмица биде вака, сезоната во Грција ќе биде загубена. Не се проблем само затворените банки, туку и целата клима. За туристите да доаѓаат овде ни треба добра клима, но ако состојбата е лоша, туристите нема да доаѓаат. Ова е лошо за економијата, бидејќи грчката економија зависи од туризмот. Не ни е грижа дали ќе бидеме во Еврозоната или не. Не ни треба оваа ситуација. Сега да ни речат надвор од Еврозоната, ќе ни биде подобро, вели Христос.
Константин е исто така сопственик на туристичка агенција близу пристаништето, но неговите ставови се различни од оние на претходниот соговорник. Според него, за грчкиот туризам нема криза бидејќи Грција е глобална туристичка сила, а за банките смета дека најдобро ќе биде и никогаш повеќе да не се отворат. Вели Балканот е неговиот дом и порачува балканските народи да се обединат, за да не дозволат големите земји членки на ЕУ да им се потсмеваат.

ko
 
  За нас е подобро да ги затворат банките засекогаш. Општеството функционираше и пред банките. Ова не се банки, ова е мафија. И би сакал да можам да поднесам пријава против банките. Да имам моќ, би одел и пред суд. Ова ја нарушува хармонијата на традицијата и на пазарот. Ни продаваат еден милион, а ни бараат назад десет. Ова е прашање за мафија и за решавање пред законот, вели Константин
Нетпрес: Што мислите за минатонеделниот референдум на кој што Грците гласаа со НЕ ?
 Грците се револуционерни личности и многу паметни и мудри. Но не само Грците, сите Балканци се многу паметни, одговора тој.
 
Дали од следната седмица животот во Грција ќе се врати во нормален тек? Грчкиот Парламент вчеравечер му даде зелено светло на премиерот Ципрас за склучување на аранжман со кредиторите врз основа на реформите што Владата им ги предложи ден претходно. Доколу во Брисел бидат прифатени грчките предлози, а се чини дека ќе бидат, отварањето на банките ќе биде само прашање на време.