Нетранспарентни вработувања во СЈО: Фалењето на Катица – гаранција за сигурно работно место

Не стивнуваат реакциите во јавноста за последните вработувања во Специјалното јавно обвинителство. Универзитетски професори, аналитичари, новинари, негодуваат околу, како што велат, партиските и вработувањата на принцип на непотизам во обвинителството. Велат фалењето на работата на СЈО и на ликот и делото на Катица Јанева, се најдобрата гаранција за сигурно работно место во оваа институција.

„Бидејќи сопругата Соња е невработена, би било добро да ме поканат во „Телма“ или во „24 Вести“ каде би ја фалел работата на СЈО и работењето на Катица Јанева, бидејќи тоа е најдобрата гаранција за сигурно работно место. Еве може да ме покани колешката која во најновата сезона од четири емисии, две посвети на СЈО, или другата колешка која ги пишува оние убави колумни за ликот и делото на Кате, бидејќи е јавна тајна дека двете колешки заедно го пишуваа последниот извештај за работењето на СЈО, кој потоа беше објавен во јавноста. Вака така СЈО отвори повеќе работни места од која било странска инвестиција во Република Македонија“, напиша новинарот Васко Ефтов на својот Фејсбук профил.

Вчера од СЈО потврдија дека нови 37 лица биле вработени во септември годинава. Според информациите во медиумите станува збор за лица блиски до опозициската СДСМ, роднини на членови на опозициската партија, активисти од Шарената револуција и роднини на специјалната обвинителка Катица Јанева. Деновиве во јавноста актуелно е вработувањето на внукот на Јанева, Ѓорги Делиџаков, студент по економски науки од Гевгелија. Според Ленче Ристовска ваквото вработување не го доведува во прашање кредибилитетот на обвинителството, бидејќи како што рече, за истото бил објавен јавен оглас.

„Во целост се исполнети сите законски услови и ние немаме дадено фаворизација на едно лице во однос на друго конкретниот случај и за конкретниот оглас. Тој беше јавно објавен кој сакаше можеше да се јави“, посочи на вчерашната прес-конференција, Ристовска.

Од СЈО вчера потврдија и дека Борче Трајковски познат како Боки Бургија е вработен во оваа институција, како лице кое врши технички и помошни работи. Ристовска посочи дека Трајковски бил единствениот кој аплицирал за работното место на кое е вработен.

„За неговата работна позиција поднесена е една пријава, и тоа е споменатото лице, Со оглед дека согласно законот ги достави сите документи кои треба да се достават и ги исполнуваше условите од огласот, нормално тоа едно лице е примено“, рече Ристовска.

Споменатото лице беше дел од протестите на СДСМ и говореше на нивните партиски собири, а како што објавија медиумите бил осудуван за измама и за потешки дела од областа на безбедноста во сообраќајот. Од СЈО не негираа дека лицето било осудувано и издржувало затворска казна, туку посочија дека осудуваноста не е еден од условите за вработување и дека за конкретното лице добиле потврда од судот дека истото може да ја извршува дејноста.

„Законот предвидува услови кои што се неопходни за едно лице да биде вработено, осудуваноста или неосудуваноста не е една од тие услови, туку дали постои забрана тоа лице да врши одредена професија, дејност или должност, за што ние добивме од судот потврда дека таква забрана тоа лице не поседува. Друго е што постои институт во кривичното право којшто се нарекува рехабилитација и за секое лице коешто е осудено и ја издржало казната, после извесно време настапува рехабилитација, односно престануваат правните последици од осудата“, истакна Ристовска.

Негодување од последните вработувања во СЈО, изрази и универзитетската професорка Билјана Ванковска, посочувајќи дека повеќе не верува во непристрасноста на ова обвинителство.

„ За прес-конференцијата на СЈО може да се кажат многу нешта, но овде ќе си дозволам најнапред еден сосема личен коментар. Дознав дека оној Боки Бургија, откако во колумна ме опиша како Бети Буп на многу недоличен начин, како одговор на мојата посветена на Каламити Џејн, добил работа од онаа која не личи на Бети Буп. Шегата на страна, сакав да верувам дека е ова афера на Куририте и така ќе ми беше полесно да верувам во непристрасноста на СЈО“, регираше таа преку социјалните мрежи.

Според информациите објавени во јавноста меѓу последните вработувања во СЈО, се споменуваат лица блиски до опозициската СДСМ, роднини на членови на опозициската партија, роднини на специјалната обвинителка Катица Јанева. Меѓу нив освен Борче Трајковски и внукот на специјалната обвинителка, Делиџаков, се и Бернис Рахиќ, за која, медиумите посочуваат дека е ќерка на Есад Рахиќ, поранешен пратеник на СДСМ, Катерина Рамбабова, ќерка на кандидат за пратеник на СДСМ, како и Ѓорѓи Камчев, кој активно учествувал во протестите во организација на Шарената револуција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.