Неукост или полтронство: Во еден ден Заев Македонците ги прогласи и за Срби и за Бугари

Челникот на СДСМ, лице коешто има амбиции да биде иден македонскиот премиер – Зоран Заев, продолжува со своите скандалозни изјави, па така во еден ден, во вторникот, во одделни интервјуа за два медиума од соседството сопствениот народ се обиде да го идентификува со другите.

Дали станува збор за толкав интелектуален капацитет или за всаден ментален склоп на полтронство, но Заев со својата серија гафови, кои доколку навистина би станал државен политички репрезент на земјата, бездруго би предизвикувал меѓународни скандали. Што е особено опасно во лесно запаливиот регион. И особено што своето учество на политичката сцена лидерот на макдонските социјалдемократи го темели на поддршката однадвор, а не од граѓаните на сопствената држава.

Во еден ист ден, челникот на СДСМ во две различни интервјуа, за бугарски и за српски медиуми, излезе со тврдење дека Македонците, Србите и Бугарите биле ист народ.

„Ние сме браќа, еден народ (Македонците и Бугарите)“, вели Заев во интервјуто за бугарски БГНЕС.

Само неколку часа подоцна, Заев во интервју за српски Курир тврди дека Македонците и Србите биле „ист народ“. „Србите и Македонците се братски народ. Тоа е за мене ист народ“, рече Заев.