Неуспешен бомбашки напад врз храм во Египет

Вооружени мажи денеска извршиле неуспешен напад врз познатиот храм Карнак во египетскиот град Луксор, а според полицијата двајца од напаѓачите биле ликвидирани од силите за безбедност.

Според претставник на египетското министерство за здравство во нападот се повредени четири лица, еден полицаец и тројца сопственици на тезги на локален пазар.

Полицијата уапсила други двајца напаѓачи и ги затворила туристите во храмот поради нападот, пренесува МИА.

На местото на инцидентот се наоѓаат деминери со цел да неутрализираат две експлозивни направи.

Претставник на министерството за антиквитети на Египет потврди дека на 500 метри од храмот еден од напаѓачите активирал бомба, што ја носел со себе.

Напаѓачите се обиделе да ја минат заштитната ограда на храмот. Тие пристигнале со автомобил. Двајца од нив влегле во престрелка со силите за безбедност и биле ликвидирани. Третиот активирал бомба што ја носел со него.

Засега никој не преземал одговорност за нападот.