Невозможна мисија за Јапонија

Пред невозможна мисија се и репрезентативците на Јапонија кои се уште имаат, но само теоретски шанси за пласман во 1/8 финалната рунда.

Освен што имаат обврска да слават во дуелот против фаворизираната селекција на Колумбија, која веќе обезбеди пласман во следната рунда, избраниците на Алберто Ѕакерони со големо внимание ќе го следат и резултатот на дуелот помеѓу репрезентациите на Брегот на Слоновата Коска и Грција.

Доколку тој натпревар заврши без победник или со победа на претставникот на Африка, Јапонија и официјално ќе стави крај на мундијалската авантура.

„Не, не мислам дека Колубија ќе се предаде без борба, дека трете бода ќе ги добиеме без мака, како подарок. Можно е да има неколку измени во противничкиот тим, но новите фудбалери ќе бидат екстра мотивирани, со желба за докажување. Од неколку фактори зависи нашиот пласман во следната рунда, но прво ние имаме обврска да го добиеме дуелот против одличната репрезентација на Колумбија. Да се сконцентрираме на нашиот натпревар, да не се замараме со тоа каков е резултатот на другиот натпревар од нашата група”, изјави пред натпреварот селекторот на Јапонија, Алберто Ѕакерони.