сабота, 22 јули 2017  |  Вести денес: 51

Невработени лица се информираа за конкурсот за обука за пилоти

piloti-1

Последни вести

Триесетина млади невработени дипломирани лица денеска во Домот на АРМ во Скопје можеа да се информираат за конкурсот за обука на пилоти што го објави Министерството за одбрана во соработка со Центарот за обука на пилоти. За огласот, невработените биле запознати преку Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Конкурсот е отворен до крајот на месецов. Се бараат осум кандидати до 28 годишна возраст, државјани на Република Македонија со завршено високо образование кои по завршувањето на 18 месечната обука во Центарот за обука на пилоти во Петровец ќе бидат промовирани во воени пилоти на Армијата на Република Македонија. Нивното образование ќе биде целосно бесплатно, а обврска имаат да останат во служба на АРМ трипати подолго од времетраењето на обуката.

– Сите заинтересирани кои покажале некаков интерес за огласот овде можат да се запознаат одбиску со целиот процес на селекција, она што ги очекува и критериумите кои се неопходни. Селекцијата се состои од низа тестирања и проверки кои кандидатите треба да ги поминат пред да отпочнат со летачките активности. Првенствено се врши проверка на здравствената и физичката подготвеност по што следуваат компјутерските тестирања и вежби, специјално прилагодени за професијата пилот, за на крај способноста на кандидатот да се потврди во 10 летови на авионот ZLIN-242L, информира капетан Борче Манев, инструктор по летање и лидер на фазата  селекција и основна обука во Центарот за обука на пилоти.

Тој прецизира дека кандидатите кои успешно ќе ги завршат сите селективни тестови се здобиваат со статус на кадети и отпочнуваат со школувањето за воен пилот.

– Статистиката покажува дека пет до 10 отсто од пријавените кандидати на конкурсот успеваат да завршат како пилоти. Процес на селекција имаме на секои шест месеци и во соработка со Министерството настојуваме конкурсот да биде постојано отворен. Од 11 јули започнуваме со процесот на селекција за овој оглас, а во август очекувам да биде отбјавен нов оглас, изјави Манев пред почетокот на презентацијата.

Фросина Доковска од Централната служба на Агенцијата за вработување на Република Македонија посочи дека соработката со Министерството за одбрана и Центарот за обука на пилоти започна уште од минатата година и додаде дека се надева оти ќе продолжи и во иднина.

– Се надевам дека Министерството за одбрана и Центарот за обука ќе ни дозволат и во иднина да ги известуваме невработените лица, како и дека дел од заинтересираните ќе аплицираат и ќе успеат да ја поминат обуката за пилоти и ќе ја постигнат крајната цел – вработување, изјави Доковска.

Како Агенција за вработување, додаде, имаме ажурирани податоци за невработените лица  и категоријата невбработени до 28-годиншна возраст со завршено високо образование. – Неше е да известиме што е можбно поголем број на невработени лица за огласот со надеж дека ќе имаат можност да се вработат, а останатото е на Центарот за обука и Министерството за одбрана, истакна Доковска.

Кадетот Христијан Велков, кој е кандидат на обука за пилот во последната фаза во Центарот за обука на пилоти, ги охрабри сите млади луѓе кои ги исполнуваат критериумите да се пријават на конкурсот.

– Обуката е искуство кое вреди да се проба. Никој не може да знае дали е или не е за пилот. Наше е да ги охрабриме да дојдат да видат како работи Центарот, изјави Велков.

Центарот за обука на пилоти е наменет за селекција и обука на пилоти за потребите на АРМ, и е концепиран по примерот и стандардите на воздухопловната академија на Израелското воено воздухопловство. На досегашните огласи се пријавувале од 48 до 190 кандидати за пилоти и на ниту еден оглас не е пополнет бројот од бараните осум кандидати.

Најчитани вести