Невработеноста ги тера младите на Косово на тероризам

Повеќе од 50 отсто од младите лица во Косово се на листата за вработување. Економската ситуација е речиси критична, а како последица на тоа поголемиот број луѓе стапуваат во радикални организации, вклучително и оние што се борат на боиштата во Сирија и Ирак, пишува српскиот весник „Вести“, повикувајќи се на Раша тудеј.

– Нема многу можности, но нашата држава и ние, сигурно, заедно треба да ги создадеме. Тогаш, чекор по чекор, ќе дојдеме до напредок, вели за „Раша тудеј“ една студентка од Универзитетот во Приштина.

Друго момче вели дека дипломирало, но дека сеуште не нашло работа и дека не се знае дали ќе остане да живее во Косово.

Поради огромната невработеност Косово е на граница на економска стагнација. Европските интеграции воопшто не се на повидок, а нема ниту странски инвестиции. Во такви услови, луѓето се безнадежни.

„Вести“ анализираат дека терористичките организации го користат ова ранливо општество за своите цели. На младите им ветуваат богатство, авантури и подобар живот.

Според резултатите на истражувањата што неодамна ги спроведе Центарот за изучување на проблемите за безбедност, најмалку 232 граѓани на Косово се придружиле на екстремистичките групи во Ирак и Сирија. За земја која има приближно околу 2 милиона жители тоа е голем дел.

Обвинителката на Еулекс во Косово, Џонатан Рејчел смета дека секаде каде што постои големо ниво на невработеност, постојат услови за ваков вид на дејствија.

По десетгодишното војување Косово се најде под лупата на радикалните идеолози. Различните групи тежат жителите на Косово да ги вклучат во војните во светот.

– На овие млади луѓе им се чини дека не му се потребни на општеството, дека овде не им е местото и дека немаат иднина. Токму тоа ги тера да земат оружје во раце и да тргнат во војна, вели Џонатан Рејчел за Раша Тудеј.