Невработеноста намалена во сите региони

Нивото на невработност од 24, 5 проценти во првото тромесечие на годинава кое е историски најниско ниво, согласно последните податоци на Државниот завод за статистика е пропратено со намалување на бројот на невработени лица во сите региони и општини во државата, пишува Курир.

Континуираното намалување на бројот на невработените лица кое во првите три месеци оваа година споредено со истиот период лани изнесува 31 илјада лица, е продолжување на процесот на постојано намалување на невработеноста која од 38% во 2006 година сега падна на 24,5%.

Овој пад на невработеноста се рефлектира со намалување на бројот на невработени лица во сите региони и општини во државата. За тоа говорат и податоците за бројот на невработени лица во дел од поголемите општини во државата во 2006 година споредено со бројот на невработени лица во 2016 година.

Општина 2006 година 2016 година
Битола 20200 11708
Велес 15447 7471
Гостивар 16636 9630
Кавадарци 9186 3843
Кочани 11170 5398
Куманово 30599 19118
Охрид 12393 7233
Прилеп 24402 14165
Свети Николе 5181 2806
Град Скопје 86072 44274
Струмица 20367 11234
Тетово 28857 17838
Штип 8737 4403
Неготино 5056 1916

Согласно овие податоци евидентно е драстичното намалување на бројот на невработените лица во сите региони во државата кое некаде изнесува и до 50% и кое е од особено значење како за локалниот економски развој на општините така и за семејната егзистенција на десетици илјади семејства.

-Стратешка цел на владата е намалување на невработеноста, а притоа особено внимание водиме на реализација на овие политики на целата територија на нашата земја обезбедувајќи рамномерен регионален пристап и намалување на невработеноста во сите региони. Затоа и проектите коишто ги реализираме, странските инвеститори коишто ги привлекуваме, капиталните инвестиции коишто ги правиме ги распоредуваме во сите региони на нашата држава, на тој начин давајќи шанса и можности за обезбедување на нови работни места за целокупното население. Податоците покажуваат дека имаме намалување на невработеноста во сите македонски градови и села, што навистина е добар податок, а самиот факт дека во мандатот на владата невработеноста е намалена од 38 % на 24,5 %, а најдобар доказ е дека нашите политики и пристапот којшто го применуваме даваат квалитетни резултати, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

gjorgjiev-nova

Од Владата велат дека ваквиот пристап на работа во сегментот на понатамошно намалување на невработеноста ќе продолжи и во идниот период во кој се очекува и дополнително зголемување на бројот на работни места во домашните и странските компании  во повеќе региони во државата кои во следниот период се очекува да отпочнат со производство или да го зголемуваат бројот на вработените.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.