Невработеноста падна на историско најниски 23,4 проценти

Стапката на невработеност во земјава падна на најниско ниво досега и во третиот квартал од годинава изнесува 23,4 отсто. Државниот завод за статистика на почетокот на месец декември објави дека во третото тримесечје од 2016 година активното население во Македонија брои 949.944 лица од кои вработени се 727.985, а 221.959 лица се невработени.

Стапката на активност во овој период е 56,6 проценти, стапката на вработеност е 43,4 проценти, додека стапката на невработеност изнесува 23,4 проценти. Податоците покажуваат дека невработеноста во земјава паднала на најниско ниво од осамостојувањето досега. Речиси во цел период од 25-годишната самостојност, стапката на невработеност во земјава рушела рекорди и се движела над 30 отсто. Податоците, пак, на Европското статистичко биро – Евростат покажуваат дека и на европска почва иако во најголем дел од земјите стапката е под 10 отсто, сепак има такви како Грција, Шпанија, Хрватска каде е двоцифрена. Така, во вториот квартал од годинава Грција руши рекорди со стапка од 23,5 отсто, а во Шпанија за третиот квартал е измерена стапка на невработеност од 19,4 отсто, додека во Хрватска е 12,9 отсто во трет квартал. Од земјите во соседството Kосово соборува рекорди со стапка на невработеност од 32,9 отсто за 2015 година, а Србија има 13,8 проценти невработеност во третиот квартал, а годината ја почна со 19 проценти во првиот квартал. Статистиката покажува дека трендот на намалување на стапката на невработеност годинава е присутен речиси во сите европски земји.

Анализата на податоците на Статистика покажува дека стапката на невработеност во третиот квартал од годинава била 2,1 процентни поен пониска во однос на истото тримесечје од 2015 година, а 0,6 отсто пониска во однос на вториот квартал од годинава. Во однос на просечната стапка на невработеност во 2015 година која изнесувала 26,1 проценти, невработеноста во третиот квартал од годинава паднала за 2,7 процентни поени.

Над 16.000 лица се вработиле во третиот квартал од 2016

Според бројките, во третиот квартал годинава, невработени се 221.959 граѓани или за 21.271 лица помалку од истиот период од 2015 година, а вработени се 727.985 лица или 16.605 лица повеќе отколку во истиот квартал лани.

Според статистиката, бројот на невработени лица во третиот квартал од годинава е помал за 26.974 лица во однос на просекот на невработени лица во 2015 година. Истовремено, бројот на вработени во третиот квартал од годинава е поголем за 21.994 лица во однос на просекот во 2015 година.

Податоците на Државниот завод покажуваат дека процентуално поголем е бројот на невработени мажи отколку жени. Или 61,7 проценти се мажи, а 38,3 проценти жени. Бројките велат и дека младите се најчесто на удар на невработеноста. Според возраста, најголема е стапката на невработеност кај лица меѓу 25 и 49 години. Дури 46,4 проценти е стапката на невработеност на младите од 15 до 24 години. Најмногу невработени лица се со средно четиригодишно образование – 99.954, со основно се 46.831 од невработените, а со високо образование се 39.237 лица. Статистиката покажува дека најмногу вработува преработувачката индустрија во која работат 136.899 лице, земјоделскиот сектор 121.845 лица и трговијата 105.201 лица.

Највисоката невработеност од 38 отсто била во 2005 година

Податоците покажуваат дека ова е историски најниска стапка на невработеност во земјава. Според статистиката на Народната банка, по осамостојувањето на земјава невработеноста била најниска во 1993 година и изнесувала 27,7. Потоа драстично расте, па во 1994 изнесува 30 отсто, за 1997 година достигна 37 отсто. Рекордно највисока стапката на невработеност во земјава, според податоците, е измерена во 2005 година кога изнесувала 38 отсто.

Земјава потоа ниту една година немала пониска стапка од 30 отсто с` до 2013 кога е измерена стапка од 29 отсто, по што почнува подрастично да оди надолу с` до сегашните 23,4 отсто во третиот квартал годинава.