Невработеноста се намалува, економијата расте најбрзо во регионот

Одржлив економски раст и понатамошно намалување на невработеноста – ова се двата главни приоритети за Македонија. Структурните реформи и политиката за привлекување странски директни инвестиции даваат резултат. Се отвораат нови работни места, стапката на невработеност трпи надолни корекции и сега е на историски најниско ниво. Тоа го нотираше и ММФ. Според монетарците, македонската економија расте побрзо од другите економии во регионов, невработеноста се намалува, реагирано е мудро за време на кризата, пишува Лидер.мк.

„Македонската економија растеше побрзо во однос на другите економии од регионот. Сепак, остануваат предизвиците за позначителен раст кој ќе биде движен од приватниот сектор, како и одржувањето на макроекономската стабилност.

Македонија има историја на добри макроекономски политики, го искористи фискалниот простор за стимулирање на растот за време на кризата“ – вели шефицата на Фондот за Македонија, Ивана Владкова Холар.

Меѓународниот монетарен фонд во својот последен извештај напиша дека не чека уште многу работа, но и дека е многу направено.

Странските инвеститори креираат работни места

Странските инвеститори отвораат нови работни места. Податоците покажуваат дека од 2006-та година во земјава се влезени 2,4 милијарди евра СДИ, отворени се повеќе од 11 илјади работни места. Активни се компании и во и надвор од зоните. На Бунарџик работа Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Текнохозе, Продис, Кемет електроникс, Ван Хул, се гради капацитетот на Дијатек. Џонсон Контролс работи и во Штип, Дрекселмајер во Кавадарци, Кромберг и Шуберт во Битола, Стилкон во кумановско, Амфенол во Кочани, Гришко во Демир Хисар, Маркдард финишира со изградбата на капацитетот во Велес, КСС е во Кичево, ОДВ Електрик во Охрид, ВЕИБО се реши за Ранковце. Инвестициите се дисперзирани низ целата територија на земјава. Со ова, според економистите, се поттикнува локалниот економски развој.