Невработеноста во Македонија во времето на СФРЈ и денес

Невработеноста како еден од горливите проблеми во Република Македонија особено се актуелизира по нејзиното осамостојување. Со поминувањето од еден систем во друг, односно од социјализам во капитализам, започна и интензивното регрутирање нови невработени, пишува во својата анализа новинската агенција МИА.

Приватизацијата на претпријатијата со општествен капитал доведе до тоа во Македонија да има преку 300.000  невработени лица. Рекордна невработеност од 38 проценти  беше забележана во 2004 година. Денес таа стапка е намалена на 28 проценти, малку повисока од онаа во 1993 година, кога изнесувала 27, 7 отсто, а што е интересно, да биде идентична со онаа од далечната 1982, година во која тогашна СФРЈ и официјално влезе во криза.

МИА пишува дека наспроти впечатокот дека во СФРЈ сите работеле, статистичките податоци говорат дека тоа не е точно, односно е точно само за Словенија и Хрватска, но не и за Македонија.

Проблемот со невработеноста постоел и кога Република Македонија беше федерална единица во поранешната СФРЈ. Значи, многу порано од 1991 година, или од осамостојувањето на земјата. Ако се погледнат статистичките податоци десет години пред осамостојувањето на Република Македонија, односно од 1980 година до 1990 година, кога нашата држава беше во рамките на СФРЈ, ќе се забележи дека стапката на невработеност тогаш не се разликува многу од денешната која изнесува 28 проценти.

Професорката од Универзитетот во Њујорк Сузан Вудвод, која важи за добар познавач на приликите на Балканот и има објавено неколку книги за случувањата во овој дел од светот, меѓу кои и за невработеноста во Југославија, на пример, бележи дека во 1980 година стапката на невработеност во Македонија изнесувала 27,9 проценти. Во 1981 година тој процент е зголемен за два отсто, а во 1982 година се забележани 28, 1 отсто невработени, што е речиси идентична стапката на невработеноста денес. До зголемување на вработеноста во поранешна СРМ доаѓа во 1989 и 1990 година, кога се забележани најниски стапки на невработеност во последниве три ипол децении, односно 21, 9 и 22, 9 проценти.

Објаснувањето е дека во тие две години по одлука на тогашната ЦК на СКМ преточена во акти на Собранието на СРМ се спроведува акција за вработување, при што на претпријатијата им е наложувано да вработат луѓе за кои немале економска потреба. Па така се случувало, на пример, во земјоделско претпријатие кое имало потреба од еден најмногу два правника, да бидат вработени дури 17. Во тој период речиси секое претпријатие добива и кафеготвачка. Идејата на мерката беше дека работниците треба да покажат солидарност со оние кои се невработени, а во втор план била ставена економската логика. Со вештачко зголемување на вработувањата, стапката на невработеност од 27, 1, колку што изнесувала во 1988 година, во 1989 година се намалила за речиси 6 проценти и изнесувала 21,9 проценти.

Овие податоци говорат дека невработеноста претставувала проблем и за поранешните социјалистички власти и таа не е нешто што е карактеристично само во послединиве две ипол децении. Кон крајот на 1992 година, според податоци на тогашниот Завод за вработување Македонија има околу 190.000 невработени, за потоа да следи приватизацијата. Лошата приватизација или како што многумина ја нарекуваат криминална, која овозможи мал број луѓе да се стекнат со општествен имот, а работниците да останат без работа, уште толку го зголеми проблемот. Одредено намалување се заблежува во периодот на првите две години од Владата на Љубчо Георгиевски за потоа да следи војната од 2001 година која на Република Македонија и донесе пад на БДП од 5 отсто, па смената на власта во 2002 година што во 2004 година резултираше со рекордно ниво на невработеност од 38 проценти.

Во секој случај, без оглед на впечатокот дека во времето на Југославија сите беа вработени, очигледно е  дека во Македонија меѓу другото, станува збор и за наследен проблем од социјализмот. Прашање е каква ќе беше состојбата денес ако, на пример, СРМ имаше стапка на невработеност меѓу еден и два отсто, каква според Вудворд, имала Социјалистичка Словенија во последната деценија пред распадот на СФРЈ.

Невработеноста во Словенија како федерална единица од 1980 до 1990 година се движела од 1,4 до 4,8 проценти – ниво на невработеност какво што нема и во западните развиени демократии. Денес, Словенија како членка на ЕУ бележи невработеност од 12,8 проценти, Хрватска која во последната декада од СФРЈ бележи невработеност од 5,7 до 8,6 проценти сега како членка на ЕУ има околу 16 проценти невработеност.

Невработеноста во Македонија, како во времето на СФРЈ така и денес, останува еден од горливите проблеми, иако во последниве десет години е намалена за 10 проценти.