Невреме ќе ја диктира агендата на посетата на папата на Филипините

Филипинската метеоролошка служба денеска најави дека од Пацификот кон централниот дел на Филипините доаѓа невреме, кое се заканува да ја наруши агендата на престојот на папата Франциско, од 15 до 19 јануари.

Според метеоролозите, островот Лејте најверојатно ќе го погоди тајфун со средна јачина, со многу дожд и ветер од стотина километри на час.

На најкритичното место што го загрозува новиот тајфун, на островот Лејте, папата треба да престојува на 17 јануари. Владиниот портпарол денеска соопшти дека евентуалното одлагање на овој дел на посетата на папата ќе биде решено кога со сигурност ќе се знае дали тајфунот ќе го погоди овој дел на Филипините.

Во меѓувреме, Филипините преземаат крупни чекори за безбедноста на папата на оваа претежно католичка нација, но обременета со радикални исламистички групи кои делуваат на југот на архипелагот.

Покрај регуларната полиција и голем број волонтери ангажирани од Католичката црква, за безбеден престој на папата се ангажирани 6.000 припадници на регуларната армија и 3.000 кадети од воените академии.