Невремето во САД однесе најмалку шест жртви

Најмалку шест лица загинаа во невремето и обилните снежни врнежи во источните делови на САД.

Во три од шесте случаи причина за смртта е срцев удар кај возачи, на кои не им била укажана навремена помош поради блокада во сообраќајот и неможноста на брзата помош да пристигне навреме.

Обилните снежни врнежи, кои продолжија во повеќе држави, предизвикаа затворање на над 200 километри од главната магистрала во државата Њујорк. Властите преземаат мерки за итна евакуација на возачите и блокираните транспортни средства.

Во десет окрузи на државата состојбата е толку сложена, што гувернерот Андрју Куомо објави во нив вонредна состојба. За расчистување на патиштата се ангажирани и резервисти од Националната гарда на САД.