Незаконски ексухимиран гроб на охридските градски гробишта

Локалниот портал „Охрид 1“, викендов јави за неверојатен бизарен случај од градските гробишта во Охрид, каде според нивни информации бил откопан гроб за да се провери дали во него има коски од мртовци.

Ова дејствие било направено по барање на директорката на Јавното претпријатие „Градски гробишта“, Татијана Дамјаноска која писмено побарала од погребалниот оператор „Две солзи“ од каде по писменото барање кое го примиле,а кое било уредно потпишано од директорката Дамјаноска, пристапиле кон откопување на гробот, што фактички значи дека извршиле ексхумација спротивно на сите законски прописи за ваква постапка.

Од порталот Охрид 1 се обратиле кај директорката Дамјаноска која рекла дека за работи од јавното претпријатие ќе треба да се јават од понеделник до петок.
Порталот интегрално ја пренесува изјавата на директорката Дамјаноска:

„А од каде знаете дека тоа е гроб откопан? Вака да ви кажам, значи денес е сабота, утре е недела. Од понеделник може на оваа тема да разговараме! Е така! Сега е значи виекнд и ќе ве молам да ми го поштовате викендот. А што требаше да ви кажам? Денес е викенд, утре, исто така, е викенд и за работи кои се однесуваат за јавното претпријатие ќе ве молам од понеделник до петок. Ви благодарам! Пријатно!“, рекла директорката.

Според законските прописи барање за вршење ексхумација на гробно место може да поднесе само старателот (потомците) на лицата кои се погребани и почиваат во гробот. Барањето тие мора да го поднесат во Министерство за транспорт и врски и Санитарниот инспекторат кои треба да издадат Решение за отпочнување со ексхумација во предвиден рок одреден со датум и време. Ексхумацијата може да се врши само со присуство на полиција, потоа здолжително мора да се присутни и лица од „Центар за јавно здравје“.

Како што неофицијално дознава Охрид 1, копањето на гробот дошло откако претходно директорката била изложена на притисок од страна високопозиционирана политичарка во СДСМ која тврдела дека нејзиниот сопруг пред многу години го откупил токму тој гроб и дека е нејзин, но немала документи тоа да го докаже. Политичарката инсистирала да се копа и откопа за да се види дека во гробот нема ништо, но се покажало сосема спротивното.

Гробот бил блиску до новата парцела на ткн. „скапи гробни места“, се продаваат над 100.000 денари од гробно место, каде се погребува „елитата“, а високо позиционираната политичарка покрај „аргуметот“ дека незиниот сопруг го купил токму тој гроб пред многу години, тврдела дека тука сака да има гроб, бидејќи „ќе била блиску до роднините“.

Гробот имал и крст и имиња од покојниците, кои неофицијално се лица чии потомци се во странство, починати одамна и ексхумирани од старите гробишта на сегашните. Како што јавува Охрид 1, при ископот на лице место биле пронајдени череп, коски, но и лимен сандак.

Во гробот кој бил осквернавен и противправно откопан (ексхумиран) на гробиштата во Охрид почива свештено лице и неговата сопруга, според истражувањето на порталот охрид 1. Станува збор за од поодамна почнати лица кои претходно почивале на старите гробишта, но со преселбата на гробиштата тие биле ексхумирани и погребани на новите гробишта.